Килограм солени и печени бадеми за 2336 денари килограм, бонбониера прва класа со ексклузивна амбалажа за 1327 денари, млеко за 126 денари, кафе во гранули од 250 грама по цена од 723 денари се само дел од производите што се наведени во договорот што Општина Тетово го склучила со тетовската компанија Доника. Вкупната вредност на договорот за набавка на продукти за репрезентација, како што стои на Системот за јавни набавки е 349.999 денари.
„Општина Тетово троши 5.000 евра за кикирики, бадеми, бадеми, ф’стаци и бонбони со ексклузивно пакување! Вака пишува во тендерот што општината го доделила на книжарница да ја снабдува општината со ваков вид храна секој месец. Работниците на тетовското општинско претпријатие и понатаму остануваат без плати и без здравствено осигурување, а општина Тетово троши пари на репрезентации со луксузна храна“, се вели во објавата на социјалните мрежи, пренесува Тетовасот.
Меѓутоа, според договорот, Општината Тетово може и да не го искористи целосно договорениот износ за набавка во периодот од 12 месеци, бидејќи ќе набавува според потребите, како што стои во договорот.
Општината во склучениот договор од 15 јуни 2023 година, набавува различни видови на кафе, чаеви, сокови, бадеми, ф’стаци, лешници, вода и шеќер. Меѓу прифатените понудени продукти има и шише газирана вода од 250 милилитри за 43,66 денари, овошен сок од 250 милилитри за 103,84 денари и чај од нане за 230 денари.
Општина Тетово, според висината на доспеаните а неплатени обврски, заклучно со декември лани е најзадолжена локална самоуправа со износ од 13,6 милиони евра, покажа анализата на Порталб од февруари годинава. Јавното комунално претпријатие, според истата анализа, должи 5,5 милиони евра.
фото: Freepik