Втората смена на Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ денеска ќе започне со работа, изјави денеска претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.
Како што информираше Кашиковски за МИА, одлуката е во интерес на граѓаните, а со оглед на најавите за високи температури.
„Одлуката e во интерес на граѓаните и со оглед на најавите за високите температури, вработените во Комунална хигиена ќе почнат со работа. Веќе втора смена денеска ќе излезе на терен, а ние институционално ќе си ја тераме работата. Не треба поради нечија одговорност граѓаните да трпат“, рече тој по средбата на претставниците од СУТКОЗ, синдикатот во кој спаѓаат и вработените во Комунална хигиена со претставници од Извршниот одбор на комуналното претпријатие.
Вработените во „Комунална хигиена“ вчера протестираа пред претпријатието барајќи поголема плата и враќање на отпуштените работници, а поради нивниот протест град Скопје деновиве остана затрупан во ѓубре преполни контејнери.