По една година јавен молк, поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски зборувајќи за евроинтеграциите на Македонија и регионот предложи иницијатива, во јавноста оценета како вредна за размислување.
Но, Црвенковски не пропушти да оцени дека Македонија нема сериозен напредок. Ги отвори, а не ги почна преговорите. Рече -„Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок“.
Црвенковски предлага ЕУ да ги отвори пазарите и фондовите за земјите од регионот, но не верува дека би пристапиле кон Унијата до 2030-та година. Aктуелниот премиер Ковачевски гледа на предлогот како вреден за анализирање. Каде и дали се изгуби ЕУ перспективата?
Се намалува поддршката за интеграција на земјите од регионот во Европската унија. До тоа доведоа предолгото чекање, даваните, а неисполнети ветувања на Унијата кои се косат со самите европски вредности. Критички настроен во своето ново обраќање, поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски го актуелизираше прашањето за тоа дали е можно побрзо членство во ЕУ.
Од неговиот последен говор помина една година, но тој вели дека кога би го прочитал истиот повторно, ништо важно не би пропуштил бидејќи немаме сериозен напредок. И покрај оптимизмот на актуелната власт, Црвенковски вели тешко е да се предвиди дали и кога би отпочнале преговорите.
„Пред три години Франција предложи, а останатите земји членки прифатија нова Методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму поради тоа, а не поради бугарското вето во октомври 2019-та и покрај позитивната препорака од страна на Европската Комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. И што е резултатот од новата Методологија? Во овие три години ниту Србија, ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив, значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини за различни држави процесот на евроинтегрирање на целиот регион или стои во место или бележи симболички напредок“, изјави Црвенковски на трибината која неговиот кабинет ја организираше заедно со Советот на амбасадори.
Пристап до европските фондови и заедничкиот пазар на ЕУ – Црвенковски предлага иницијатива за побрза евроинтеграција
Тој е песимист за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан дури и за следните неколку години и не наоѓа логика во изјавите дека ако сега ги отпочнеме преговорите би станале полноправна членка на Унијата за четири, пет или седум години.
-Во недостаток на јасна стратегија постојано слушаме едни те исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива“. За жал резултатот од сето тоа е статус кво ситуација – порача поранешниот шеф на државата.
Според него, во вакви околности сме исправени пред две опции. Тој истакна дека првата е да бидеме пасивни чекајќи радикален пресврт кој би го забрзал процесот, а другата е да даваме идеи со кои ќе направиме исчекор.
„Единствено заеднички, усогласен предлог од сите земји од регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел. За да вакво нешто може да се реализира регионалната соработка, меѓусебната доверба и препознавањето на заедничките интереси се од клучно значење“, додаде Црвенковски.
Тој потенцираше дека за да се постигне една ваква цел, земјите може да ги искористат постојните форми за регионална соработка или да креираат некоја нова само за оваа намена.
Црвенковски како актуелни иницијативи за регионална соработка во моментов ги посочи Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан. Тој предлага земјите кандидатки за членство во Унијата преку Берлинскиот процес, Отворениот Балкан или друга нова форма на регионална соработка да усогласат нова заедничка иницијатива и да ѝ дадат нова динамика на интеграцијата.
Со цел, сите држави заеднички да исчекорат од како што вели тој, статус кво ситуацијата, ја промовираше идејата за пристап до заедничкиот пазар и пристап до европските фондови.
„Ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“, изјави Црвенковски и објасни кои би биле бенефитите од реализацијата на една ваква иницијатива:
„Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство. Европската унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија“.
На крајот од своето обраќање, тој посочи дека за да се реализира оваа цел, има две варијанти – првата е да се искористи постојната Европска економска област, а втората ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено, со што би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
Со хармонизација на економските политики до повеќе инвестиции
Предлогот на Црвенковски наиде на позитивни реакции кај дел од експертската фела, а дипломатот Зоран Јолевски дообјасни за што станува збор.
Според него, финансиските средства на ЕУ за една ваква иницијатива не би требало да бидат посериозен проблем.
„Самата стратегија има три елементи. Првиот елемент е брза интеграција во единствениот пазар на ЕУ што значи слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила. Вториот дел е целосен пристап кон фондовите на ЕУ и третиот елемент е улогата на приватниот сектор таканаречените импакт инвестиции коишто се инвестиции на приватниот сектор за профит и кои треба да носат профит меѓутоа паралелно исто така и да си остваруваат некои општествени цели“, истакна Јолевски.
Тој уверува дека бенефитите од ова би биле големи како за нашите, така и за европските компании. Оттука, тој порача дека нашата економска политика треба дополнително да се хармонизира со европската.
И Берлинскиот процес и Отворен Балкан зборуваа за меѓусебно признавање на дипломите. Ајде да го направиме и следниот чекор – да не биде само меѓусебно признавање на дипломите во рамките на нашиот регион, туку да бидеме дел од Европската економска област односно заедничкиот пазар. Сето ова ќе биде од корист за сите бидејќи регионот располага со прилично квалитетна работна сила – додаде поранешниот амбасадор во САД.
Тој потенцираше дека е потребно земјите од Западен Балкан целосно да може да ги користат фондовите на ЕУ, а се осврна и на инвестициите во Македонија и земјите од регионот.
Значи да се направи начин ЕУ да даде сигнал на своите компании дека е корисно ако тие инвестираат во Југоисточна Европа. Во пазарни економии секако дека државите не може да дадат наредба, но може да дадат насока и може да бидат во форма на директни странски инвестиции, јавно-приватно партнерство и други методи – додаде Јолевски.
Потпретседателката на Советот на амбасадори, Александра Наќева Ружин изјави дека не постои рационален или разумен аргумент против предлогот за заедничка иницијатива на земјите од регионот. Според неа, Унијата е еден од најголемите партнери на овие земји, но треба да се размисли со какви услови би можела да се забрза динамиката на инвестиции.
„Па да се прашаме што им треба на инвеститорите и зошто тие не доаѓаат во зголемен обем и како ние наеднаш преку било кое политичко, економско или не знам какво регионално здружување со било кој би можеле ова да го поуспешиме? Знаеме дека им треба политичка стабилност, функционално судство, стабилни политики меѓу другото и фискални и даночни и монетарни и им треба пред сè квалитетна и достапна работна сила“, потенцираше нашата поранешна амбасадорка во Кралството Шведска.
Коментирајќи го предлогот за пристап до заеднички пазар, таа рече државава би имала многу повеќе да понуди доколку води поголема сметка за националниот интерес, но и доколку ги разбере подобро предизвиците и на развиените земји за да може да претпостави какви реперкусии тие би оставиле врз нашата економија.
Во однос на европските фондови, Наќева Ружин вели дека Македонија одамна ги има на дланка, но недостигаат анализи и дебати за тоа како би можеле да ги искористиме повеќе.
Одлично, кој не би сакал поголем пристап до ЕУ фондовите? Меѓутоа дали сте се прашале што прави Македонија со пристапот што досега ѝ е овозможен легитимно во економскиот, инвестицискиот план за Западен Балкан? Во периодот 2021-2027 година, девет милијарди евра има во овој frame work за земјите од Западен Балкан како грантови и 20 милијарди евра за истиот период само за земјите од Западен Балкан како заеми. Дали сме се запрашале и дали сме одржале дебата зошто Македонија не е активна во користење на грантовите и во користење на заемите што се наменети за оваа цел за Западен Балкан? Зошто не користи од своите инвестиции – додаде Наќева Ружин.
Според познавачите, иницијативата на Црвенковски доаѓа во вистински момент и постои оптимизам дека Брисел ќе го препознае тоа. На трибината на која се обрати тој, дел од присутните предложија шесте земји од Балканот всушност да направат заеднички балкански пазар како свој влог, а потоа со сработена задача да го замолат Брисел да пристапи кон оваа работа. Други ја оценија иницијативата како нешто исклучително важно кое ќе остави неполитички и стручен печат. Сепак мислењата за иницијативата Отворен Балкан се спротиставени – додека дел од стручњаците велат оти оваа иницијатива е исклучително важна за државата, други гледаат со сомнеж и алудираат дека треба да се внимава економската иницијатива да не стане и политичка.
Секогаш зависи од која перспектива гледате – Ковачевски оптимист за разлика од Црвенковски
Предлогот на Црвенковски, како вреден за анализирање го оцени и актуелниот претседател на владата, Димитар Ковачевски. Сепак, тој не се согласува околу песимистичкиот став за членство во Европската унија.
Тој сепак верува дека нашето членство до 2030 е остварлива цел. Според премиерот, тоа може да се случи ако ги донесеме одлуките кои се очекуваат од нас, ако го довршиме процесот на скрининг и ги затвориме поглавјата.
„Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент може да ви се чинат некои работи неостварливи или тешко остварливи. Јас сум разговарал со негови колеги кои биле советници во неговиот кабинет, а се мои блиски пријатели, кои велат дека за нас од временска перспектива од тогаш беше практично несфатливо дека може да се дојде до договор со Грција и државата да стане членка на НАТО. Меѓутоа, од оваа перспектива денес гледаме дека можело да се постигне договор и да станеме земја членка на НАТО“, изјави Ковачевски.
Тој се повика на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека и сега се зборува за одредено приклучување кон заедничкиот пазар без тоа да биде замена за пристапувањето.
Ковачевски потсети дека земјите кандидати од Југоисточниот регион добиваат помош од европските фондови која е 11 пати поголема по глава на жител во споредба со помошта на земјите кои се кандидати. Премиерот бара тоа да се намали бидејќи како што порачува, на таков начин ќе се намали и јазот меѓу државите кандидати и државите кои се членки на Европската унија.
Вања Мицевска