Транспарентноста на јавните претпријатија особено треба да биде изразена кога е во прашање објавување на финансиските податоци. Законот за јавните претпријатија во делот на транспарентност и отчетност на претпријатието во членот 7-а го задолжува јавното претпријатие годишните сметки и финансиските извештаи да ги објави на својата веб-страница во рок од 15 дена од денот на доставување на годишната сметка до Централниот регистар. Доколку јавното претпријатие кое нема веб-страница, годишните сметки и финансиските извештаи е должно да ги објави на веб-страницата на основачот.
Исто така, Законот ја предвидува обврската за јавното претпријатие, по усвојување на тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење од страна на управниот одбор на јавното претпријатие, истиот да го објави на својата веб-страница најдоцна 35 дена по истекот на тримесечјето.
Во случајот со општинските јавни претпријатија, доколку немаат свој сајт, извештаите треба да ги објават на општината која го основала.
Каде се парите?
На ова потсетува и Студијата за процена на состојбата за постапување по пријави на укажувачи и транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија на Институтот за стратешки истражувања и едукација. Од анализата која ја работел тимот на ИСИЕ, во 43 државни и општински комунални јавни претпријатија утврдиле дека за периодот од 2019 до 2022 година, голем дел од јавните претпријатија немаат своја интернет-страница.
Законската обврска за објавување на кварталните извештаи, ја исполниле само 27 јавни претпријатија од анализираните 43, додека само 24 јавни претпријатија ги имаат објавено во целост податоците кои се бараат во согласност со членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Обврската за доставување на извештаи до основачот да ги објави на својата интернет страна е исто така делумно почитувана од јавните претпријатија. Во таа насока, 11 основачи се изјасниле дека претпријатијата доставуваат тримесечни извештаи, при што 6 основачи ги објавуваат овие извештаи на нивните интернет-страници.
-Транспарентноста води кон јавност во работењето на јавните претпријатија и дава можност на граѓаните да ја извршат својата контролна улога. Примената на законот води и кон антикорупциски практики, вели Ивана Спсасевска, универзитетски професор.
Според судијата на ИСИЕ, волјата на јавните претпријатија вистински да се борат со корупцијата се гледа и преку изработката на интерни антикорупциски документи на ниво на јавни претпријатија, кои се на ниско и средно ниво. Следствено на тоа само 23 јавни претпријатија имаат подготвено годишни планови за процена на ризици од корупција, 5 јавни претпријатија имаат интерни акти за спречување судир на интереси , а само 4 јавни претпријатија имаат интерни акти за прием на подароци.
Што треба да се направи?
Од она што се случува во пракса, Студијата препорачува зголемување на транспарентноста и отчетноста преку доследна примена на постојните законски прописи, потоа целосно објавување на информациите од јавен карактер за кој субјектот е задолжен во согласност со членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Неопходно е зголемување на опфатот на антикорупциски политики и документи како што се годишни планови за процена на ризици од корупција, интерни акти за спречување судир на интереси и интерни акти за прием на подароци. Исто така, соработка со специјализиран граѓански сектор и заедничко споделување искуства за изработка на интерни антикорупциски акти. Потоа, обезбедување на финансиски ресурси за изработка на интернет-страница на јавното претпријатие, како предуслов за отчетност и транспарентност и поттикнување на локалните советници за остварување надзорна функција над работата на јавните претпријатија основани од општината, преку институтот советнички прашања.
В.К.