Постот шири дезинформации дека македонски војници ќе бидат испратени да се борат со руските вооружени слики во Приднестровје. За тврдењето дека нашите војници наместо во Романија ќе заминат за Молдавија, која не е членка на НАТО, не е понуден никаков доказ. Од Министерството за одбрана за Вистиномер одговорија дека станува збор за редовна ротација на припадници на Армијата во рамките на мултинационалните сили на НАТО и во ниту еден случај не станува збор за упатување на армиски припадници надвор од границите на Алијансата
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека војниците коишто Северна Македонија ги испраќа во Романија како дел од НАТО обврските, всушност ќе завршат во Молдавија во борба против руските вооружени сили. Ова не е точно.
Се случи тоа на кое што предупредував уште пред шест месеци, владата испраќа војници во НАТО операција во Романија.
Ме интересира дали на војниците им е укажано дека ќе завршат во Молдавија односно Приднестровје, во борба против руските вооружени сили!
На предлог на Министерството за одбрана, Владата на 156 седница донесе Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република С. Македонија за учество во борбената група на НАТО операцијата „enhanced Vigilance Activity-еVA“, во Романија, за период од шест месеци, сметано од јуни до декември 2023 година.
На социјалните мрежи се споделува оваа објава од Владата и притоа се тврди дека, сепак, овие војници, иако се вели дека ќе заминат во Романија, тие всушност ќе завршат во Молдавија односно во отцепениот дел наречен Приднестровје и таму ќе се борат против руските вооружени сили.
Приднестарска Молдавска Република позната и како Приднестровје или Транснистрија е проруски регион отцепен од Молдавија (која не е дел од НАТО) и се наоѓа во непосредна близина на Украина. Регионот, во кој главно се зборува руски, се отцепи од тогашната советска Молдавија во 1990 година. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, проруските сепаратисти водеа крвава војна со молдавските владини сили. Регионот Транснистрија, населен главно со Руси, во 1992 година се отцепи од Молдавија, но меѓународно не е признат за држава. Сепаратистите во Транснистрија имаат поддршка од контингент на руски војници стациониран во регионот.
Вистиномер се обрати до Министерството за одбрана каде прашавме дали тврдењата на социјалната мрежа Фејсбук се вистинити и што всушност ќе прават нашите војници за време на оваа операција.
Оттаму ни одговорија дека станува збор за редовна ротација на припадници на Армијата во рамките на мултинационалните сили на НАТО и во ниту еден случај не станува збор за упатување на армиски припадници надвор од границите на Алијансата и дека ова не е прв ваков контингент на испратени војници во Романија.
Потсетуваме дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија се дел од мултинационалните сили на НАТО – Алијансата во Романија, како дел од зголемените активности за будност (NATO enhanced vigilance activities – NATO eVA), со цел засилување на нејзините источни граници. Првиот контингент од армиски припадници беше упатен во Романија кон крајот на минатата година, додека сега станува збор за втора ротација во рамките на истите мултинационални сили на НАТО и тоа во периодот од јуни до декември 2023 година, велат од Министерството за одбрана.
„Зајакнато истурено присуство“ (еnhanced Forward Presence – eFP) на североисточниот дел на Алијансата за првпат беше воспоставено во 2017 година, со создавање на четири мултинационални баталјонски борбени групи во Естонија, Латвија, Литванија и Полска. Овие борбени групи, предводени од Обединетото Кралство, Канада, Германија и Соединетите Држави соодветно, се со соодветна големина и борбена моќност. Тие ја демонстрираат силата на трансатлантската врска и јасно кажуваат дека нападот врз еден сојузник би се сметал за напад врз целата Алијанса.
„Активности на зголемена будност“ односно enhanced Vigilance Activities (eVA) се однесуваат на распоредување на мултинационални борбени групи во Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка.
Учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на НАТО мисиите eFP (Efp) и eVA во Латвија и во Бугарија и Романија е врз основа на одлуките на Владата на Република Северна Македонија. Нашиот придонес во мисијата eFP предводена од Канада, започна во јуни 2022 година со едно АБХО одделение, како и со едно артилериско одделение кое отпочнува со активности од декември 2022 година во рамките на словенечкиот контингент ангажиран во операцијата еVA. Во мисијата eVA нашиот придонес започна од ноември 2022 со испраќање на два вода, по еден во Бугарија – мисија предводена од Италија и во Романија – мисија предводена од Франција, каде заедно со припадниците на вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана, се вели на веб-страницата на Министерство за одбрана.
Во ниту една ситуација од овие операции на НАТО, армијата на Северна Македонија не се соочила со руските вооружени сили. Сите овие операции се водат на територијата на НАТО членките. За тврдењето дека нашите војници наместо во Романија ќе заминат за Приднестровје не е понуден никаков доказ, туку е нафрлено само како нечие мислење коешто потоа добива виралност на социјалните мрежи.
Според сите наведни факти, заклучуваме дека тврдењето дека македонски војници ќе бидат испратени да се борат руските вооружени слики во Приднестровје е неточно.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.