Огромни количини земја и кал завршија во домовите, на улиците и останатата инфраструктура по невремето што го зафати Делчево. Закана по куќите се и две свлечишта во Трет реон, на кои механизацијата веќе работи. Од Општината Делчево проценуваат дека поправката на раскопаните и пресечени улици ќе чини еден милион евра. Дополнително се прави проценка на штетите на атмосферската канализација.
Според информациите од општината, се утврдува и колку ќе чини насочувањето на речните водотеци. Стравот од нови врнежи виси. Вчера паднаа нови количини на врнежи, што дополнително ја комплицира состојбата, бидејќи почвата е земјата со вода.
На вчерашната седница на Влада, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информирал каква е состојбата на терен и направените штети. Се очекува и Владата да излезе со конкретна помош, додека најави за помош стигнуваат од општини, компании, а солидарни се и граѓаните.
Општината упати благодарност за покажаната солидарност, до сите кои се солидаризираа со делчевчани, кои претрпеа штети и се’ уште се обидуваат да се вратат во нормала.
Комисијата за процена на штетите од невремето кое го зафати Делчево на 8 јуни, започна со теренските активности. Се постапува по поднесените пријави и се врши увид на лице место на поплавените објекти и површини. При процена и утврдување на висината на штетата, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. Досега во Општина Делчево има поднесено 60 пријави за штети. Граѓаните кои сакаат да пријават штети од поплави и град, тоа можат да го сторат до 23 овој месец.
-Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево. Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата, соопшти Општина Делчево.
За својата работа Комисијата изработува Извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и истиот го доставуваат до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата.