Измешани емоции, солзи радосници и многу љубов кон некогаш најтрофејниот македонски клуб „Вардар“ можеа да се видат низ улиците на Скопје, каде беа пречекани фудбалерите, кои по две години, беспарица и неисплатени плати, успееја да го вратат во Првата македонска фудбалска лига.
„Вардар“ во Кавадарци го одигра својот најдобар натпревар во сезоната и успеа да го победи Скопје во баражот (3-0) и се врати во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
„Патете сите душмани што не го сакате ВАРДАР затоа што е гордост Македонска!“, напишаа од навивачката група Комити, кои го презедоа управувањето со клубот.
-Ова е победа за „Комитите“, за Скопје, за Македонија. Ова што ние го направивме ние ретко кој тим го направил во бараж, посебно како второлигаш. Голема благодарност до „Комитите“, да не беа тие, Вардар ќе згаснеше. Тие ни беа крилата, силата, ни дадоа се за да успееме. Преживеавме еден тежок период, имавме проблем, ни отидоа осум играчи среде сезона, ни се повреди капитенот Мицевски, но направивме една добра екипа, која, се надевам ќе биде и респектабилна прволигашка екипа. Ќе одиме чекор по чекор напред и ќе видиме што ќе биде понатаму“, изјави спортскиот директор Александар Бајевски за Gol.mk.
Освен „Вардар“ нови членови на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) се и екипите на Гостивар и Воска Спорт.