И покрај препораката од ЕУ да се преиспита одлуката законите кои се однесуваат на коридорите да влезат во Собранието по итна постапка со европско знаменце, тие веќе се во собраниска процедура. Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Христијан Мицкоски, која, како што рече, остава ЕУ понатаму да коментира.
-Јас денеска нема да го коментирам ова, ќе оставам Канцеларијата на Европската комисија во текот на денешниот ден да биде искоментирано. Доколку тоа не се случи, тогаш од утре ќе отвориме јавна дебата по тоа прашање. Бидејќи верзиите кои ги видовме, во Делот 5, кој вообичаено се користи за објаснување со кој дел од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете во овие предлози е празен“, изјави Мицкоски.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ не ја негира неусогласеноста со европското законодавство. Но како што рече, во редовна комуникација со ЕУ објасниле зошто се одлучиле за ваква постапка.
-Знаеме дека со овие закони нема усогласување со некое европско акт, но ги ставаме за да ја комплетираме трансевропската мрежа на коридори. Она што треба отворено да го кажеме, тоа е дека одлуката е за да се заобиколи нелегитимна блокада од проруската, анти САД, анти НАТО, анти ЕУ партија Левица, која ќе направи се за да го спречи ова, изјави Маричиќ.
Од моментот кога беше објавен проектот вреден 1,3 милијарди евра, во јавноста го следат скандали, кои беа коментирани и од страна на ЕУ.
-Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања, соопштија од Делегацијата на ЕУ.
Внесувањето на законите под европско знаменце, подразбира донесување под итна постапка. ВМРО ДПМНЕ најави за договорот кој се’ уште останува таен, ќе дебатираат во Собранието, според тоа што го имаат добиено од свиркач.