Повеќе од 60 издавачки куќи, меѓу кои најуспешните македонски, но и издавачи од регионот – Србија, Албанија и Косово, ќе се претстават на годинашниот Саем на книга, а очекувањата се да се врати бројката од 30.000 посетители како пред пандемискиот период.
Оперативниот директор на Саемот на книгата, Сања Кондарко открива дека посебен акцент ќе биде ставен на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кога ќе се одржи трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи.
Годинашното 35. издание на Саемот на книга ќе се одржи во редовниот, пролетен термин од 4. до 10. мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, под покровителство на Министерството за култура, кое традиционално ја поддржува оваа најголема културна манифестација.
Мотото оваа година е „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта”. За време на седумте саемски денови мирисот на нова книга ќе се почувствува на штандовите на издавачките куќи, во кои се вбројуваат најуспешните македонски издавачки куќи и издавачи од регионот.
Кондарко потенцира дека издавачките куќи ќе се претстават со своите најнови наслови, а ќе се реализираат и средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти за време на саемските денови. Промоции ќе се одржуваат во сите саемски денови и во Промотивниот центар и на штандовите на издавачките куќи.
-Низа атрактивни наслови ќе бидат понудени на Саемот на книга по намалени, саемски цени за што изготвуваме Саемски каталог на топ наслови на изложувачите. Каталогот наскоро ќе биде достапен на социјалните медиуми на Скопски саем, каде сите заинтересирани читатели ќе можат подетално да се информираат за понудените наслови, вели Кондарко за новинската агенција МИА.
Интересот за домашната литература, според Кондарко, се зголемува во изминатите неколку години, а интересот за одредени жанрови зависи од возрасната структура на посетителите и од личните преференции.
-Саемот секако изобилува со богата понуда на сите жанрови, вклучувајќи дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, енциклопедии, дела од областа на културата и уметноста, книги за млади и деца, учебници, вели Кондарко.
Таа најавува дека во промотивниот центар на Саемот на книга ќе се организираат бројни промоции на дела и автори.
И оваа година на Саемот се очекуваат гости од регионот. Кондарко ги поканува сите генерации и сите љубители на пишаниот збор да го посетат годинашниот Саемот на книга и уверува дека секој посетител може да најде понуда за својот вкус.
МИА