Израз на паника и немоќ е бришењето од регистарот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, оцени бугарскиот претседател Румен Радев во изјавата од Брисел, каде е дел од редовното заседание на Европскиот совет. На влегувањето на состанокот, Радев беше прашан од новинарите да го коментира потегот на Централниот регистар на Македонија и како тој потег е примен од европските сојузници.
-Многу лошо. Тоа решение е израз на паника, на немоќ. Властите во РС Македонија треба да признае дека има македонски Бугари со бугарско самочувство и тоа е од пред 1300 години, има бугарска историја, културно – историско наследство. Бришењето на името нема да ја избрише тврдата решеност на Бугарија и ЕУ, РС Македонија да ги впише Бугарите во Уставот. Тоа е правна обврска, изјави Радев.
Бугарскиот претседател се пофали дека за близу две години од првото барање на бугарската власт за впишување на Бугарите во Уставот, благодарение на упорната работа успеале да бидат разбрани од европските партнери и европските лидери. Со таа упорност нивното барање стана задолжителен дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
-Впишувањето на Бугарите во Уставот е апсолутно задолжително. Прашањето е кога РС Македонија ќе одговори – не на нашите, туку на европските очекувања и барања и тоа треба да биде јасно разбрано, рече Радев.
По вчерашното бришење на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола од регистарот, со изјава излезе портпаролот на бугарското Министерство за надворешни работи Костадин Коџабашев.
„Длабоко сме вознемирени од последните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во земјата“, рече Коџабашев.