Семејнолози во јавните установи за поквалитетен живот на модерните семејства
Во прилог на тоа, таа додава дека кога луѓето почесто би се обраќале на семејнолог, би живееле подобар и помирен живот без конфликти, а за децата би изградиле многу подобра средина. Според професорката Радуловиќ пак, повеќе од јасно е дека овој профил е од суштинско значење бидејќи рамнотежата помеѓу работата и семејството станува најголем предизвик на модерните семејства. Таа нагласува дека дипломците од овој Институт имаат вештини за подобрување на квалитетот на живот преку остварување, интеграција, примена и ширење на знаењето за животниот циклус, односите, семејствата и заедниците и нивното значење во поширок социјален контекст.
„Студентите се оспособени и треба да вршат предбрачна и брачна едукација, родителска едукација. Имаат компетенции да работат како стручни соработници во градинки, училишта, центри за социјална работа, државни институции кои се занимаваат со креирање на политики за семејна поддршка итн. Семејнолозите треба да бидат присутни како кадар во тимовите на здравствените, образовните и социјалните установи“, вели проф. Радуловиќ.
Таа потенцира дека овие дипломци треба да добијат шанса за вработување во јавните установи, бидејќи тие впрочем се медијатори помеѓу семејствата и институциите од кои семејствата имаат потреба.
„Нивната улога е непроценлива во однос на превентивата, односно едукацијата за тоа како семејствата да се развиваат, унапредуваат и како да се спречат посериозни проблеми. Во делот на решавање проблеми и кризни ситуации, нивната улога е советодавна заедно со тимот на психолози, социјални работници, и слични стручњаци. Како што споменав погоре, клучно е нивното значење во истражувања поврзани со потребите на семејствата со креирање на подобри политики и стратегии за развој и поддршка на македонските семејства“, истакнува нашата соговорничка.
Таа објаснува дека согласно актуелниот закон, дипломираните семејнолози може да даваат социјални услуги кај други даватели во системот на социјална заштита, а со тоа и да отворат свои приватни центри за работа со семејства.
„Од информациите кои ги имам на располагање, имаме наши студенти кои се вработени во приватни градинки, невладини организации, приватни домови за стари лица, СОС Детско село итн.. Некои се вработени како образовни асистенти и во државни градинки со одредена прекфалификација. Голем дел од нив запишуваат втор факултет или последипломски студии на сродна студиска програма со цел зголемување на шансите за вработување“, посочува професорката.
Дипломците од Институот за семејни студии не се единствените кои се соочуваат со ваков проблем при вработување, во слична ситуација се и дипломираните студенти по родови студии. Професорката Радуловиќ вели дека овие студии се формирани поодамна и кадрите кои произлегуваат од таму, со години се соочуваат со ваквиот проблем.
ММС се обрати и до Министерството за труд и социјална политика, но од прес службата на оваа институција не одговорија на нашите прашања. Новинарските прашања во врска со тоа зошто досега не се предложени измени на Законот за социјална заштита и на кој начин и кога МТСП ќе се заложи за решавање на проблемот на овие кадри, останаа игнорирани, исто како и барањата на студентите и нивните професори кои со години добиваат празни ветувања.
Вања Мицевска