Екипи на „Охридски комуналец“ работат и на одржување на просторот околу чинарите, чистење од трева и ѓубре.
Чинарот на Плоштад е во лоша состојба, стар е. Правиме се, но не е во некоја најдобра кондиција. Со мерките што ги преземаме се надеваме дека ќе му го продолжиме векот. Премногу е стар има големи оштетувања, претходно долго време не се водеше грижа за него, не беше соодветно заштитен. Другите чинари се во релативно добра состојба, истакна Љаткоски.
Чинарот на малиот Плоштад најстаро евидентирано дрво во државата
Чинарот на плоштадот „Крушевска Република“, според Климент Наумов, професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и лиценциран туристички водич, е најстаро евидентирано дрво на територија на Македонија. Старо 1.100 години и современик на Свети Климент Охридски.
Зборно место за охриѓани и туристите
Чинарот бил, но и се уште е зборно место за охриѓани и за посетителите. На крајот на 19 век, тука постоело и кафуле каде се служело: кафе, чај, ракија и вино, што придонело да дојде до оштетување на дрвото.
– Чинарот од секогаш бил зборно место каде луѓето се среќавале. Во минатото тука биле поставувани соопштенијата на власта. Доколку властите сакале да соопштат за некаква промена на закон или дополнителни давачки со кои се оптеретувала рајата во Османликсиот период, тоа било соопштувано кај чинарот. Чинарот се користел и за јавна егзикуција, односно за извршување смртна казна, да послужи како пример населението да не покажува непослушност кон системот, раскажа Наумов за МИА.
Забележа дека е видливо оти дрвото е при крај на својот животен век и доколку не се преземе нешто ќе го изгубиме засекогаш.
Староста на дрвото интересна за туристите
Покрај што е зборно место за туристите, приказната за чинарот и неговата старост е интересна за нив.
– На туристите им е интересно, бидејќи кога ќе кажете дека едно дрво, нешто што уште е живо, е старо над 1.000 години, е импозантна карактеристика. За голем дел од нашите клиенти, кои доаѓаат од Западна Европа, па дури и од далеку Источните Азиски региони, е навистина еден голем куриозитет, кога ќе кажеме дека во Охрид постои дрво старо 11 века, истакна Наумов.
Од стариот чинар на плоштадот „Крушевска Република“ до населбата Даљан има уште три чинари, од кои професорот Наумов смета може да произлезе тура која ќе ги спои со други содржини.
МИА