Едниот апарат не работи, другиот само за итни случаи - Пациентите од Штип за снимање на рендген одат во Свети Николе
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/24/23 12:01 PM

Едниот апарат не работи, другиот само за итни случаи – Пациентите од Штип за снимање на рендген одат во Свети Николе

Рендген апаратот во Штип не работи, па пациентите се приморани за снимање да одат во Свети Николе.

Повеќе пациенти, кои се соочиле со овој проблем се обратија до ММС, и се пожалија дека на оваа скапотија за снимање, кое чини околу 100 денари тие трошат гориво до Свети Николе, а дополнителен трошок им е и скапата патарина

-Минатата недела требаше да направам снимка на главата. Пред еден месец ми се направи проблем со синусите, кој и по терапијата не се реши, па матичната мораше да ме прати на рендген. Но, бидејќи, како што ми рече таа, воопшто не може преку Мој Термин да се закаже снимање на ренген во Штип, ми закажа во Свети Николе, вели пациентката Снежана М. и додава дека за снимка на рендген од околу 60-100 денари, таа за две патувања во Свети Николе треба да плати многу повеќе.

-Отидов во Свети Николе, каде сретнав и други пациенти од Штип, се снимав и ми рекоа дека треба да дојдам следниот ден за снимката. Јас два пати одам за Свети Николе трошам гориво и плаќам патарина за да си го решам проблемот. Дури и ја замолив техничарката да ми ја даде снимката, дека нема потреба да биде прочитано, секако ќе ја носам на мојот лекар, а и да не доаѓам два пати, но таа ми рече дека не може, ќе ја карал докторот , вели пациентката за ММС.

Дека постои проблем со ренген апаратот ни потврди и матичниот лекар Јадранка Петрова.

-Уште пред новогодишните празници не може да се закаже рендтген снимање. Воопшто го нема во Мој термин. Што точно се случува со апаратот, дали е расипан, не знам, но на овој наплив на пациенти овој период јас морам да се снајдам за да им помогнам. Затоа им закажувам во Свети Николе, најблиску е. Има уште еден апарат, но тој е болнички, претпоставувам само за итни случаи, ни рече д-р Петрова.

ММС се обрати и до Клиничка болница во Штип. Директорот на болницата д-р Ален Георгијев, ни потврди дека рендген апаратот има дефект, но дека состојбата не е алармантна, бидејќи со другиот, подвижниот се снимаат пациентите, кои се итни случаи.

– Ние имаме пуштено термини за сликање, проблемот можеби настанал ако во моментот немало,  биле зафатени, па по некој ден кога ќе се ослободи, повторно ќе се пушти. Зборуваме за случаи, кај што може да се почека. Доколку е итен случај пациентот со упат доаѓа на дежурен специјалист и во ист момент може да се направи снимање. Пациентите се сликаат на подвижниот, додека не го поправиме главниот, дигиталниот. Значи, пак ќе кажам,  проблемот е што во тие моменти можеби немало слободен термин, а не дека воопшто не работи и не се снима, вели директорот и додава дека тука доаѓаат пациенти од цела источна Македонија и многу бргу се зафаќаат термините и за преглед и за снимање.

Според него проблемот со апаратот ќе се реши откако ќе ја добијат понудата од сервисерот, која ја чекаат.

-Откако ќе ја добиеме понудата за еден месец ќе се реши се. Ние уште ја чекаме понудата од сервисерот, кој е единствен овластен за поправка на јапонскиот апарат. Дотогаш пациентите ќе се сликаат на подвижниот. Значи матичниот за итна потреба треба да го упати пациентот на смецијалист, кој ќе одлучи дали треба да се направи итна ренгенска снимка, па ако е потребно ќе се направи и ренгенска и компјутерска снимка. Ама тоа, сепак, треба да го направи дежурниот специјалист, вели директорот д-р Георгијев.

Весна Миленковска

Фото: e-zdravlje.ba


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7