Која е улогата на логопедите како стручна фела во справувањето со предизвиците кои ги носи пелтечењето?
-Логопедите се тие кои треба да ја информираат јавноста дека критични периоди за појава на пелтечењето се периодот од втората до третата година, потоа периодот помеѓу четвртата и петтата година, околу седмата, пубертетот, но и периодот на зрелост.
Како изгледа работата на логопедот со едно дете кое пелтечи?
-За успешна работа потребно е добра информираност и на родителите и на другите стручни соработници кои се во воспитнообразовниот процес, но и постојана едукација на логопедите. Со соодветен логопедски третман ќе се прекине ланецот на напнат говор и ќе се учи еден нов и опуштен говор, кој постепено ќе овозможи запирање на напнатиот брз и дисфлуентен говор.
Треба да се знае дека пелтечењето се манифестира со клонични грчеви, потешки се тоничните кога има веќе видливо затегнување на вратните мискули и мимичната муслулатура на лицето, зацрвенување и блокада или затишје пред да се испровоцира глас. Често е развлекуваето на гласови, слогови и фрази. Често е вметнувањето на зборчиња, чести паузи, страв од говор, физиолошки реакции и тикови.
Според возраста пелтечењето го делиме на пелтечење кај деца и пелтечење кај возрасни. Пелтечењето кај децата го делиме на физиолошко, развојно и неврогено. Физиолошкото пелтечење се манифестира во вид на повторување на зборови, фрази, или пак во развлекување на вокалите. Кај овој вид на пелтечење најчесто имаме спонтано опоравување, затоа пелтечењето е само физиолошки одраз на целокупната состојба во мисловно јазичкиот и вербален процес. Развојното и неврогеното пелтечење веќе се индикација за логопедски третман. Кај возрасните лица имаме развојно и неврогено пелтечење, кое може да престанало со логопедски третман, но после прекинувањето пак да продолжи и да егзизтира цел живот.
Дали до пелтечењето може да дојде ако детето живее во тензична атмосфера, која му создава стрес и што со лошите емоции?
-Стресот како примарен причинител не го предизвикува пелтечењето. Но атмосфера тензична, напната, каде се чести опоменувањата на родителите доведува до тоа да го фиксираат пелтечењето и ќе се влоши клиничката слика. Пелтечењето започнува во момент кога ќе се здружат конституциски стекнатата предиспозиција, комплексната фаза од говорно – јазичниот развој и околината која бара поголеми очекувања и постигнувања.
Како пелтечењето се одрзува врз менталното здравје на децата, каква е совеста кај нас, имаме ли стигма и осудување, потсмевање кон овие деца?
-Кога детето пелтечи тоа си мисли дека единствено само тоа го има овој проблем. Многу полесно ќе му биде кога ќе слушне од логопедот, педијатарот, педагогот дека и многу други деца го имаат овој проблем и дека тоа не е ништо страшно. Кога се работи за совети за родителите важи правилото дека колку порано се открие пелтечењето и се подложи детето на логопедски третман толку е подобро. Сите луѓе кои се во контакт и зборуваат со детето се одговорни и за неговото ментално здравје. Денес нема етикетирање на децата и потсмев, сето ова е надминато благодарение на едукацијата на родителите. Многу се ретки и случаевите и да има потсмев и имитирање од страна на децата.Такво однесување не постои во училишната средина помеѓу другарчињата, едукацијата и брзиот пристап до информации си го прави своето да функционираме на едно повисоко интелектуално ниво.
Може ли да се превенира пелтечењето и кои активности можат да го подобрат детскиот говор?
-Сите луѓе кои се во контакт и говорат со детето се одговорни и за неговата превенција, но и за соодветните активности кои ќе ги превземат за добар, правилен и течен говор. Најголемо влијание имаат оние кои постојано се со детето и кои го сакаат. Децата разбираат многу повеќе отколку што можат да кажат. Затоа е потребно да се разговара со децата уште во многу рана возраст, правилно без искривување на зборовите и поддржување на бебешкиот говор на детето.
На децата треба да им се пеат песнички, да се шетаат во природа, да посетуваат градинка каде ќе се социјализираат и поистоветуваат со своите врсници ,да има реакција на одложување на потребите на детето, да се научи на трпеливост, да почека и полека да сфати дека има одредени правила кои се непишани но се почитуваат и стануваат обрасци на правилно и логично однесување. Заеднички да се средуваат играчките и непосредниот простор и така ќе стекнува одредени работни навики и активности. Сите насилни содржини на интернет и на мобилните телефони строго да им се контролираат, а се препорачува и избегнување на подолго седење пред мобилни телефони.
Вања Мицевска