„Компанијата е успешна само ако вработените имаат големи плати“ - Мишел Ѓорѓиев од Кочани е бизнисмен, кој костумот и вратоврската ги замени со работничко одело
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/30/22 1:47 PM

„Компанијата е успешна само ако вработените имаат големи плати“ – Мишел Ѓорѓиев од Кочани е бизнисмен, кој костумот и вратоврската ги замени со работничко одело

Јас не сум бизнисмен, јас сум лидер, голем верник и сто пати сум се заблагодарил на Бога за се што сме постигнале до сега.

Ова го вели Мишел Ѓорѓиев (31) од Кочани,  кој зад себе ја има фабриката „ Atom Steel Ltd“ единствена компанија во Македонија која е специјализирана за изработка на челични арчови за потпора при изградба на тунели.

Ова интервју е поинакво, бидејќи тој се смета за една поинаква, модерна  генерација бизнисмени, кои по многу нешта се разликуваат од стариот ков на директори. Тој е скромен и не сака да го нарекуваат и газда, бидејќи не е тип кој на работа ќе се појави во костум и вратоврска, туку, како што вели, кога е потребно заедно со работниците е во производство.

-Само со упорност и работа може да се постигне многу, не со појавување пред вработените во стилот „еве кој сум“. Не сум директор, немам ниту заменик директор, немам ништо. Јас сум заедно со вработените, барам и цел живот ќе барам поддршка. Имам само 31 година, но знам како спијам и колку спијам. Ми велат успешен си. Да, ама за време на короната јас не работев година ипол, а работниците земаа полна плата. Е затоа тие луѓе се уште се кај мене и се почитуваме. Јас не можев да им кажам одете си дома, кога знам од каде живеат.  Преку ноќ на своја кожа сватив дека може да те снема, а тоа го почувствував и кога се поплави фабриката. Ова е тешко да се одржува ако си христијанин и верник. Но, ако си ѓубре од човек ништо не е тешко. Некој можеби во ова ќе се пронајде и навреди ама ако навистина си ѓубре, ако гледаш само за себе, многу е лошо.  Не можам да сфатам како е можно да имаш пари на сметка, а да отпушташ вработени. Па, јас ако треба за нив ќе ги потрошам сите пари, вели Ѓоргиев.

Тој припаѓа на младите и модерни бизнисмени, за кои велат дека се иднината на државата, бидејќи размислуваат сосема поинаку од оние кои на времето директорувале.

-Моите вработени имаат нови автомобили, праќаат деца во приватни градинки, си градат куќи. Што подобро во овој момент да направам? Имам 31 година, приватник сум и сам сум.  Зад мене не стои државата, зад мене нема голема институција, немам гигантска команија. Денес има проект утре го нема. Ама потоа пак ќе има. А тоа е тешко да се издржи ако не си упорен и чесен и кон себе и кон вработените, додава тој.

Сето ова кажано е најголемата причина што оваа локална компанија, со своите патентирани арчови-латис гиртес, прерасна во препознатлив бренд за изградба на тунели на градежниот пазар во повеќе европски земји како Португалија, Германија, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

Ѓоргиев вели, секако дека целта е компанијата да расте, но тоа не е единствената.

-Целта ми е патриотизмот кон државата и убав живот на моите вработени.  За една компанија велат дека е успешна ако работниците се задоволни. А знаете кога еден вработен е задоволен? Кога неговот дете што му носи дома леб е задоволно. Секој кој има семејство работи за него, не за себе, а насмевката им ја даваат нивните деца. Знам дека ќе бидам успешен и ќе бидам уште поуспешен се додека на работниците давам високи плати. Тоа ми е целта. Затоа што јас за мене имам, колку толку. Не сум лаком. Па, јас не можам да јадам по три бифтека одеднаш, не можам да јадам шкампи секој ден, не можам секој ден да пијам по 10 пива, не можам да спијам одеднаш во три соби. Не можам да одам во исто време во три тоалети, не можам да отворам три фрижидери одеднаш. А притоа да не им  давам плата на вработените. Сакам да имам нормална кола, гардероба во која ќе се чувствувам пријатно, да бидам здрав. Затоа и се трудам да бидам нормален, објаснува тој.

Кочанската Atom Steel Ltd денес е единствена компанија во Македонија која е специјализирана за изработка на челични арчови за потпора при изградба на тунели.  Но, не била секогаш таква. Во време на Југославија била гигант, но потоа со распаѓањето на државата го изгубила тој примат. По неколку успони и падови компанијата во 2003 година ја купил татко му, кога била стара браварска компанија, која низ годините сменила повеќе називи. Но, како што вели, кога тие ја купиле, халата била празна, без машинскиот парк. Тогаш тој бил дете и неговиот сон не бил да води компанија, туку да биде фудбалер.

-Бев дете, бев фудбалер и бизнисот многу не ме интересираше. Подоцна искуството во фудбалот ми помогна во градење на фабриката. Помина времето на брзи пари, сега се работи поинаку. Татко ми е од стариот ков на бизнисмени и постојано му зборувам дека никогаш нема да свати како е до 92 минута да губиш, а во 95 да победиш. Ете јас тоа го научив во фудбалот, да се биде упорен до крај. Тоа јас го научив за производството и тоа го применувам. Денес е време на модерен свет и модерни компании и за ова треба ментално да си силен и психички стабилен. Бидејќи нема формула за успех во производството. Освен упорност. Нема книга во школо што ќе те научи за тоа.  Не е успех ако на вработените им дадеш 20.000 денари плата, тоа е срамота. И затоа се надевам дека младите бизнисмени ќе го сменат тоа, додава тој.

Призна дека неговиот најголем сон му бил фудбалот, но се случила тешката повреда, која го одалечила од голот.  Вели дека додека му чука срцето ќе кажува дека доколку продолжел ќе бил надобар голман, иако го чувале резерва само заради висината.

-Фудбалските стручњаци мислат дека за голман е потребно висина. Не, за голман е потребно да имаш срце. Имав покана за да играм за репрезентација, но една фудбалска икона се обиде да ми бара рекет. Кога дозна дека нема да добие пари ме избриша од репрезентација и од фудбалскиот клуб.  Тоа  многу ме разочара, бев шест месеци во депресија. Зошто кога некој толку многу сака и се труди да не му се даде шанса. Но, не се почитува квалитетот туку рекетот, вели тој разочарано и објаснува како патот го однел во Германија и како по среќата веднаш се соочил со несреќа.

– Секако го напуштив фудбалот, А фабриката не функционираше. Бевме во состојба да земаме пари од мојата детска касичка. Но, заминав во Германија со 150 евра во џеб. Заминав за да работам. Барав клуб, и најдов. Почнав да играм во една селска лига,  а после тренинзи работев и тоа се и сешто. Се што ќе најдев. Бев трета смена постојано. Еднаш преморен се враќав од работа и бидејќи не можев да издржам од премор, седнав на тортоар. Помина Германец и ми деде 10 евра. Кога го прашав зошто,  ми рече дека помислил дека просам. Поради таквите ситуации многу ми беше тешко. Е тогаш научив да ги почитувам парите.  Потоа ме викнаа во првата екипа на тимот. Мене од возбуда ми се слоши. Јас да одам на тренинг со некои што имаат 3.5 милиони плата, што возат ферари… Отидов утредента на тренинг и гледам сите доаѓаат со бесни коли, а јас едвај со моите чевли. Но,  кога среќата те сака така е. Не можам да кажам тој ден што се одбранив. Тој ден не можам да го заборавам.  Почнав со нив да тренирам, се уклопив и сватив дека тие играчи се многу добри затоа што се ментално силни. Но, на еден од натпреварите, кога после тоа требаше да го потпишам договорот  ми скинаа тетива,  скршив зглоб на рака и што ли се не повредив. Се разбудив во болница со силни болки. Неколку дена не знаев за себе. По операциите нормално не бев веќе способен за фудбал и нормално е дека нема да потпишат договор со мене, сепак, тоа е бизнис. Бев изморен пак од почетокот да почнувам, а фудбалската кариера ми беше уште неколку години, се знае дека има рок на траење, објаснува Ѓоргиев.

И од тука почнува приказната за раѓањето на компанијата Atom Steel Ltd . Да ја подигне од пепел и да ја направи  компанија со која ќе се гордее.

-Кога се вратив родителите ми дозволија да правам се што сакам само за да ме задржат дома, да не заминам повторно во странство. И почетокот беше тежок. Тогаш поинаку се размислуваше. Како на инжинер со костум и вратоврска да му кажам од утре влегуваме во погон. Мораше целиот склоп на размислување да се смени. Најважно е да бидеш заедно со работниците. Почнав да купувам машини. Заминав во Белград на саем со костум, автомобил од 500 евра и спиев во ефтин хотел. А се сретнав со многу битни луѓе. И од тука почна се. Поминав неколку саеми во различни европски држави и сватив дека во светот постои поинаков начин на работа отколку кај нас. Но,  капацитетот на моите работници тогаш беше со граница, не можеа да го прифатат модерниот начин на работа. И тие самите сватија на крајот дека не можат да ме следат.  Моите посети на саем почнаа да се реализираат дури после две години. Се што имав вложив во иновативност, аплицирав за проекти, давав се за да обезбедам подобар живот и за вработените и за себе. Компанијата имаше две премрежја, кога се поплави и застојот поради корона кризата, а потоа тргна се како треба. Купив машини и го продадов автомобилот за да платам транзит. Затоа пак ќе речам дека денес „Атом стил“  е мала компанија, но со тенденција да биде голема во плати на работниците, вели тој.

По се низ што поминале денес навистина може да се гордее со компанијата, која чекор по чекор го освојува светскиот пазар.

-Правиме челични сводови за тунели. Јас направив свој патент, имаме производ кој е економичен, лесен, исплатлив,  а многу силнен за правење  тунели. Работам на неколку тунели, со тенденција да бидат уште повеќе. Наскоро ќе се произведуваат бандери за осветлување. Најголемата преса на балканот ја имам со која можам да правам и до 180 метра бандери со спојници, за стадиони, за паркинг места.. До бандери за автопатите. Многу пари вложувам и за алат за правење на кружни бандери. Тогаш ќе бидам единствен на балканот за производство на кружни бандери. Мојот патриотизам се мери со тоа што се купувам и правам во Македонија, вели Ѓоргиев.

Ете затоа за „ Atom Steel Ltd се вели дека е мала ама светска компанија. И тоа секако е тешко да се постигне, но нормално дека овој епитет му годи.

-Тешко е да се направи бренд, но упорноста се исплати. Ќе кажам еден пример. Нутела се прави во обична фабрика ама брендот вреди милијарда. А јас работам на создавање на бренд. Затоа ми годи тој епитет.  Но, пак ќе кажам, не се сметам за бизнисмен туку лидер, човек кој се тестира прво на себе, па доколку е издржливо го давам на другите. Тоа мислам дека е формулата за вистински лидер. Ние како Македонци сме големи борци. И сега ми е пред очи кога одев  во фабриката, а беше празна хала. Сите мислеа дека нема да успеам, а денес ги имам сите машини. Идеи имам многу, но сакам да бидам компанија со големи плати на вработените. Немам сега некоја добивка, но одлучив да дадам К-15 и 13 и 14 плата на вработените, го заврши муабетот Ѓоргиев со најубавата порака до сите бизнисмени.

Весна Миленковска

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7