ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/1/21 7:00 PM

Цели 13 години парче леб за семејството заработува на тротоар – Томче Крстески по стечајот на „Шик Јелак“ останал на улица и тука го отворил „дуќанот“

Томче Крстески од тетовско Долно Седларце веќе 13 години парче леб за своето семејство заработува на тротоарот, наспроти градскиот зелен пазар во Тетово. Продава од се по малку, земјоделски производи кои сам ги одгледува на околу седум декари земјоделска површина, која дел ја поседува, а дел ја има земено под „ќесим“ (наем), во неговото родно село. На импровизираните тезги има свои земјоделски производи, но и по некој текстилен производ, електроника и слично.

-Маката ме натера моето работно место да биде тука на улица, рече Томче за ММС.

Работел во некогашниот тетовски гигант „Шик Јелак“, но откако фабриката заминала во стечај, од тогаш тој е надвор и зима и лете.

-Речиси сите добија некоја помош од државата, ги згрижи, а ние од „Шик Јелак“ ништо. Бев вработен во фабриката од 1982 година до 2009 година без прекин. Фабриката се затвори во ноември 2009 година и до денеска сум под стечај. Од државата немам никакви примања досега. Имаме поднесено барање за помош поради стечајот, се донесе закон во Собранието на сите фирми да се додели некоја помош, само за „Шик Јелак“ нема ништо, едвај десет души добиле по нешто. Имало некои измами мислам, така ми кажаа, се менувале шифрите, газдите, долгови имало и така натака. И сега за да преживеам се занимавам со ова. Продавам на пазар за да платам струја, вода, комуналии и така да опстанам. Значи нешто е мое, а нешто од други луѓе. Грав и пченка имам на околу 3 декари, другата површина ми е со ореви, јаболка, дуњи, имам мој лук, компир, тикви, разни култури за да опстанам. Со короната народот е без работа, а и порано доста фабрики се затворија. Ти даваат 250 евра плата и што можеш, како да го прехраниш семејството. Затоа еве со земјоделие се занимавам, изјави Томче Крстески.

Добро е, вели, што е од село, па од земјата некако егзистира. Но, се жали на намалената купновна моќ, затоа и продава од се по малку, за да не се фрла.

-И порано беше тешко, но не како сега. Голем дел од стечајците кои живееа на село чуваа стока, но сега воопшто не се исплаќа, оти ќарот оди кај трговците и фирмите за пакување на млеко, тие го собираат кајмакот. Затоа како и многу други и јас се откажав од чување на стока, конкретно на крави, вели тој и додава:

-Со сточарство повеќе не се занимавам, не чувам стока дека нема математика, скапо е се, а млекото не го плаќаат. Ти даваат 18 денари за килограм млеко, а една кисела вода е 20 денари. Една крава треба да изеде најмалку 10 килограми сточна храна или сено за да пушти млеко. Значи скапо е многу. На крај продаваш 20 денари килограм млеко, а во маркет повеќе од двојно е поскапо млекото, вели Томче.

Голем проблем додава тој е немањето на откупни центри.

-На пример во Тетово доста се произведува јаболка и компир,а нема никаква фабрика за откуп. На пример да се засади поголема површина, ама да има откуп, па нека биде и десет денари, ама знаеш го вадиш компирот го даваш за откуп и си завршил работа. Моментално јас не фрлам ништо и не ми се расипува, дека произведувам од се по малку. Некои што ги знам фрлаат. На пример тие што имаат јаболка  фрлаат. Се работи за голема количина и нема каде да ја пласираат јаболката. И на крај трагедијата да биде уште поголема, претходно даваат пари за ѓубре, за препарати, за да се собере производот и на крај ништо од тоа. Инаку имам мотокултиватор мој, а друга механизација морам да ја изнајмувам и да ја плаќам и тоа е скапо. Затоа народ не сека да се занимава со земја, не се исплаќа. Иако на крај со ова пак остануваме, дека немаме друг избор, вели Томче.

И не само Томче, на тротоарите околу градскиот зелен пазар многу луѓе најчесто стечајци без работат ја делат истата судбина. Продаваат се и сешто најчесто од се по малку, по неколку килограми од традиционалните земјоделски производи, за да опстанат и се прехранат.

Зоран Димовски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1