ММС

Објавено на: 09/23/21 7:00 PM

Пандемијата беше лоша за музичарите, но важно е да сме живи и здрави, работата се надоместува: Со Александар Тодороски, победник на „Макфест“

Ковид пандемијата несомнено се одрази врз работата на музичарите, рестриктивните мерки го принудија откажувањето на нивните настапи, па благодарение на социјалните мрежи можевме да видиме што се’ создаваат во услови на „новото нормално“. Карантините и полициските часови ја ставија на тест нивната креативност, а еден од оние кои го „поминаа“ тестот е младиот музичар, Александар Тодороски, кој на публиката и’ сервираше неколку преработки на веќе познати нумери, но на листата на музичките парчиња кои ги отпеал ја впиша и неговата прва авторска песна. Темата го доби насловот „Под исто небо“ и таа на Александар му ја донесе првата фестивалска победа. 

Неколку дена по финалето, Александар ги сумира впечатоците од настанот кој е отскочна „даска“ во неговата музичка кариера и за ММС раскажа од каде љубовта кон музиката и колку жртви бара таа.

-Љубовта кон музиката ми е врежана од мојот татко. Тој е главниот виновник што денес сум со музиката, па двајцата сме дел од групата „Феникс“ која вкупно брои пет членови. Вокалисти сме јас и тој, но јас сум повеќе по забавниот репертоар, тој по народниот. Така правиме еден баланс, вели Александар.

Тој свири гитара, но не било така отсекогаш.

-Мојата прва дружба со музиката беше со клавирот, кога во второ одделение почнав во нижо музичко училиште. Учев клавир, па во осмо одделение посакав да почнам да изучувам гитара. Се запишав во Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ на отсек класична гитара, средно училиште завршив под менторство на проф- Дејан Лазаревски – додава макфестовскиот победник, кој образованието го продолжил на Музичката академија во Штип, а во моментов го подготвува и својот дипломски труд.

Во однос на тоа зошто гитарата му е омилен инструмент вели дека нема некоја специфична причина, но ако не била таа, немало да се отвори можноста да стане дел од „Феникс“.

„Ден денес кога ќе се сетам ако не беше желбата за гитарата немаше да имам прилика да бидам на иста бина со татко ми. Почнав да свирам со татко ми, но тој свири клавијатура. Во април 2015-та година излезе нивниот гитарит и јас влегов како соодветна замена“, истакнува тој.

Гостување во програмата на Канал 77

Александар вели дека наназад низ годините имало многу моменти кои не успеал да ги сподели со своите пријатели бидејќи додека тие биле заедно, тој морал да настапува. Сепак, како што смета, во животот за се’ може да има жртва.

„Да, имаше доста жртви во тие години кога сакавме почесто да излегуваме. Се славеа матурски, некои другари од почит кон мене ме договараа јас да свирам за да можам да сум присутен. Точно, постојат жртви. Излегувањето да го тргнеме на страна, за се’ постои жртва во животот, не само во мојата работа. Селектираш што можеш, а што не можеш. Јас сепак знаев и после свирка да и’ се придружам на екипата , но постојат прослави на блиски роднини и другари на кои не успеав да присуствувам. Сепак, пак ќе кажам за се’ има жртва во животот“, искрен е младиот пејачот.

Тој додава дека неговите пријатели никогаш не му се налутиле поради ова.

„Бескрајно сум благодарен, тоа е екипа која долги години не е променета. Другаруваме и се почитуваме“, сподели Александар.

Неговите пријатели го бодреа и за време на двете фестивалски вечери на „Макфест“, а кога го прогласија за победник овациите беа неизбежни.

За ММС раскажа како се чувствувал во тој момент.

„Не ми беше ни на сон победата. Во петокот влегов во финале со најмногу гласови и имав некоја самодоверба и надеж дека ако успеам да земам награда за најдобар дебитант. Кога ме повикаа на крај дека сум го своил првото место имав шок, држев шише со вода па ми падна и ми се смееја. Бев пет минути во шок, најискрено не ми се веруваше. Импресиите се големи, се’ уште пристигнуваат честитки од другари, колеги, соработници“, изјави Александар кој долги години собирал и искуство и храброст за да настапи.

„Неколку години настапувам активно во локали, но многу има разлика од настап на приватна забава или локал до фестивал со таков дух и со таква публика. Тремата беше пристуна, првпат сум на „Макфест“ годинава, бидејќи чекав досега и си ветив на самиот себе дека прво ќе соберам искуство околу пеењето, па и храброст од настапите во живо за да се појавам во едно задоволително светло. Ова е преголемо искуство за мене и чувството е преубаво“, искрен е дваесет и четиригодишниот пејач.

Првата награда која му ја донесе „Под исто небо“ тој ја посветува на своето семејство, а најавува и видео запис за оваа песна.

Спотот веќе е во изработка, настапите во живо си продолжуваат, имаме настапи и викендов, па и за следниот викенд. Ова е моето првенче. Немав досега никаква авторска песна, но ќе се посветам и на мои авторски песни – додава Александар.

 

Го прашавме и како го поминуваше времето кога поради рестрикциите бевме затворени.

„Мислам дека музиката ми помогна да го искористам времето подобро. Кога бевме во карантин гледав филмови, но кај нас во домот инструментите секогаш се присутни, па така времето го искористував и за вежбање, за учење нови песни и жанрови. Пандемијата беше лоша за музичарите, сите настапи се откажаа, но важно е што сме живи и здрави. Некои луѓе во оваа пандемија ја загубија работата, некои и животот, работата може да се надомести“, порачува Александар.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1