ММС

Објавено на: 07/21/21 7:00 PM

Како се менуваат сезоните, така ни доминираат боите – Ѕирнете во преубаво наместениот стан на семејството Секуловски од Скопје

Го сака скандинавскиот стил на ентериерно уредување, па судејќи според фотографиите од неговиот дом, изгледа како да живее во некоја земја далеку од Македонија. Сепак, тој е роден и сиот свој живот е во Скопје, но со деталите, топлината и автентичноста на својот дом е „рамо до рамо“ со светските блогери. Боро Секуловски познат како Боро Коса е инспирација за многумина поради неговото чувство на естетика, што го манифестира преку трансформациите на станот во Ново Лисиче каде живее со сопругата Ели, двете деца Зоја и Арсен и кучето Лаки.

Боро со задоволство ни дозволи да ѕирнеме во внатрешноста на семејниот дом и за читателите на ММС раскажа од каде самиот црпи инспирација, колку време се подготвува една трансформација и од каде се’ може да се набават украси кои на уникатен начин би можеле да го разубават ентериерот.

„Со сопругата и двајцата сме креативни, имаме фризерски салон и кога имаш фризерски салон, јасно е дека си покреативен. Нашиот стан е 80 метри квадратни. Уште пред да ги имаме децата бевме љубители на домашно уредување. Кога дојдоа децата станот претрпе промени, но го сакаме уредувањето и во текот на годината како се менуваат сезоните сакаме да доминираат боите на тековниот период“, вели Боро за ММС.

Тој раскажа дека најмногу ги сака празничните трансформации на домот, како кога доаѓа Нова година или Велигден, но ужива да внесе свежина и кога летото е на прагот.

„Празничните периоди особено ни носат убави емоции и нормално дека среќата е неизбежна кога станува збор за домашното уредување. Со секоја промена дома се чувствува среќа, дали е Велигден, Нова година…секогаш гледаме уредувањето да биде тематско и инспирирано од Инстаграм, а додаваме и сопствени креации. Ги следиме социјалните мрежи и сакаме да бидеме во тренд. Не може ти да ископираш сѐ или да видиш некоја фотографија и целосно да ја преземеш, мора да имаш сопствено размислување и идеја за тоа да се оствари. Додаваме автентична нота.  Сакам препознатлив да биде мојот стил, кога ќе ги погледнат моите фотографии, луѓето да знаат дека тоа јас сум го уредил“, додава Боро.

Во неговиот дом доминира белата боја, а во моментов има сини детали кои потсетуваат на море.

„Основата е бела и додадовме плетени украси од бамбус, а додадена е и сината боја која доминира со чаршафи за ручање, перници, па и други детали кои потсетуваат на море“, истакнува нашиот соговорник. Тој доловува дека неговиот дом е уреден во рустикален стил, но може да се забележат и ретро и модерни елементи.

„Сето тоа според мене, е фино искомбинирано. Треба домот да биде топол, луѓето го прават домот, но претпочитаме кога го уредуваме нашиот дом да биде пријатно и убаво да се чувствуваме. Има моменти од скандинавскиот стил бидејќи доста продукти се купени од Икеа, а тоа е шведска компанија“, додава скопјанецот.

Според него, во Македонија нема многу голем избор на производи за ентериерно уредување, па и ретко купува работи од тука. Ни раскажа дека со сопругата уживаат да патуваат и од секое патување носат по нешто за дома.

„Ги гледам блогерите на Инстаграм и Пинтерест. Претежно тоа се странски блогери и можам да се споредам со тоа што јас го правам, не сум далеку од нивното уредување, но кај нас тешко се доаѓа до тие украси и детали – чаши, фенери и слично. И да има нешто, тоа е минимално и е со превисока цена за да си го дозволиме.  Плус ние немаме ни избор ни стандард за да имаме такви детали во домовите како кај странските блогери.  Тие исто така многу работи добиваат на подарок од компании од областа на домашното уредување, ги добиваат гратис и прават реклами. Јас не соработувам со ниту една таква македонска фирма.  Одредени работи ги купувам од кај нас, но многу работи ги имам донесено од страна како Чешка,  Шведска, Полска. Од таму најмногу работи имаме донесено, од интернет нарачувам многу малку“, истакна Боро.

Вели дека секоја декорација одзема по многу време и за да се реализира една идеја претходно треба убаво да се осмисли. Ни сподели дека кога ќе заврши со одредено тематско уредување, веднаш го планира следното.

Секоја декорација и трансформација од пролет на лето на пример, бара трпение и тоа не се прави со три илјади денари.

„Кога ќе наредиме за една сезона, јас веќе почнувам да размислувам што следно ќе правам. Секогаш барем два месеца однапред тоа го осмислувам. Кога ќе ја раскитиме елката по Нова година веќе го планирам следниот декор, на пример. Сепак тоа одзема време, не можам денот да го осмислам и утре да го направам“, посочува Боро.

Поради внимателно уредениот дом, тој вели дека луѓето честопати го прашуваат дали таму живеат и деца, но сепак нагласува дека и ќерката и синот се научени на таквиот стил на живот и го почитуваат она во кое е вложен многу труд од страна на нивните родители.

„Тие земаат учество во декорациите особено кога доаѓаат празници, но не можам да кажам дека заедно учествуваат во уредувањето. Сепак го ценат тоа и реагираат позитивно кога ќе направиме трансформација“, додаде тој.

Го прашавме и кое е неговото омилено катче во станот, но посочи дека тоа зависи од сезоната. Зиме најмногу ја сака собата за дневен престој каде што целото семејство се сплотува, а во пролет и лето малиот балкон:

„Во пролет и лето најчесто го користиме малиот балкон кој е 5 метри квадратни и е доста интересен.  Многу странски страници коишто се занимаваат со уредување и објавуваат фотографии од домашно уредување на неколку пати имаат земено фотографии со балконот од мојот профил“.

Благодарение на социјалните мрежи, тој често комуницира со луѓе кои се креативни во областа на ентериерното уредување, а веќе неретко го препознаат и на улица.

Често добивам пораки, по 4-5 пораки дневно минимум. Луѓето ги гледаат фотографиите и ми пишуваат често дека сум инспирација за нив. Понекогаш и ме застануваат на улица. Последниот пат во Белград влегов во Икеа и една жена ми се доближи ми рече „Боро коса“? Ми рече вие сте за мене секојдневна инспирација, значи луѓето веќе ме препознаваат – нескромен е Боро.

Тој оценува дека Инстаграм како социјален медиум станува сѐ попопуларен кај нашите корисници кои шират позитивна енергија.  Токму на ваквиот интернет простор, креативците споделуваат едни со други од каде може да купат шолји, фенери, завеси и се’ останато кое може да го разубави домот. Во меѓувреме семејството Секуловски ужива во сино-белите декорации, додека се планира златно-жолтата „трансформација“, која како идеја ќе треба да се реализира дури за неколку месеци.

 

Вања Мицевска

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1