ММС

Објавено на: 05/2/21 10:00 AM

Не се прејадувајте, туку влезете во „возот“ – Што препорачува Цвета Динева за велигденската трпеза

Постот пред Велигден треба да биде во интерес на нашето здравје. Тоа значи дека кога постиме треба да ја отфрлиме храната која ни го загрозува здравјето, како што е процесуираната храна, или онаа со животнско потекло – советува нутриционистката Цвета Динева. Во разговор за ММС таа потенцира дека постот постои векови наназад и луѓето на оваа треба да се консултираат со свештениците, но сепак неспорна е и улогата на нутриционистите, бидејќи искуството покажало дека луѓето грешат кога постат и со тоа му наштетуваат на организмот.

„Со процесуираната храна се замастува црниот дроб, а целта на постењето е да го заштитиме организмот од оштетување. Затоа треба да се внесува храна од растително потекло“, апелира Динева.

Таа забележува дека во постењето има лош момент кој доведува и до тоа луѓето да завршат со покачена телесна тежина. Станува збор за тоа дека тие постојано јадат бело тесто, а како да забораваат дека треба да пијат вода и да ја јадат овошје и зеленчук во изобилство.

„Јадат некои благи работи, кои иако се посни му наштетуваат на организмот. Убаво е да се пости, тоа е божја работа, но нека биде правилно без пита и тесто, а со манџи од компир, леќа, ориз и слично“, додава Динева.

Таа забележува дека кога некој постои, организмот седум недели му е одвикнат од јадење месо, јајца, сирење и слично. Поради тоа, на велигденската трпеза во недела треба да бидеме внимателни.

„Денот нека се почне со чаша вода и барем едно овошје, да му се даде на организмот позиција на чистење. Може да се касне уште некое овошје, па околу пладне јајце со салата и во неа да младо кромитче. Така се подготвува телото да прима храна од животнско потекло, претпочитам тоа да биде чисто печено месо , кое треба да се јаде два часа по салатата со јајце“, истакнува нутриционистката.

Таа вели дека месото не треба да биде приготвено со брашно, со кашкавал и слично. За да не му се случи шок на организмот, потребно е месото да се комбинира со многу свежа салата и во неа повторно да има кромид бидејќи тој ќе спречи да се покачи нивото на маснотии во крвта.

„Не треба да се мешаат многу видови храна во исто јадење. По седумнеделниот пост не смее да се јаде секаква храна – благо, компир, алкохол, ориз . Нека има свежа салата, а со неа може да се земе вино или ракија. Препорачувам десертот да се земе два часа по ручекот“, потенцира Динева.

Таа забележува дека многу луѓе на Велигден јадат секакви пити или руска салата, но тоа всушност лошо влијае на енергијата. Според Динева, во постпразничниот период потребно е да се направи детоксификација.

„Тоа подразбира барем ден два да бидеме на што повеќе свежа храна и особено да конзумираме мешунки, бидејќи тие имаат целулоза. Тука на прво место се боранијата и зелката, препорачувам и посни манџи кои ќе му помогнат на организмот во чистењето, пред се’ на дебелото црево, на лимфниот систем“, додава таа.

Искуството покажало дека по Велиден многу луѓе тргнуваат „во поход“ кон намалување на килограмите, но и подобрување на крвната слика, доколку постеле погрешно.

„Кртва е наше гориво и затоа треба да ја размастиме. Луѓето кои имаат ваква цел се ставаат на програма за здрава исхрана и за еден месец се губат од 4 до 7 килограми на здрав начин. Веќе нутриционистите се сметаат за луѓе кои работат на здравјето на луѓето, така што нашата работа не е само поврзано со тежината“, вели Динева чие мото гласи „јас сум денес тоа што јадев вчера“.

Апелирам кој сака да е здрав апсолутно да влезе во „возот“. В – вода, 0 – овошје, З – зеленчук. Влези во „возот“ да патуваш среќно во животот. Дали постеле или не, треба да се пие вода. Што ако е некој веган, а јаде смоки и чипсови. „Возот“ е вистинска формула за нашето здравје, заклучува нутриционистката.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.