ММС

Објавено на: 03/6/21 8:03 PM

Кога бев на операција мајка ми цел ден го помина во болничкиот ходник – Виолета Андонова, жена херој за Милан од Штип

Жена кралица, жена лавица, ајде да зборуваме за нејзиното височество – жената! Македонски медиа сервис ги повика своите читатели да ја раскажат приказната на жената која оставила најмногу впечаток во нивниот живот, жената која е нивна хероина. На повикот се одзва штипјанецот, Милан Андонов, кој како пример за таква жена ја посочи својата мајка Виолета.

Педесет и седумгодишната жена, според зборовите на нејзиниот син, е храбра, племенита и грижлива.

Сите мајки се убави, но мојата за мене е најубава – вели Милан, кој признава дека откако се породила неговата сестра Цветанка, малиот Димитар станал омилена фигура во животот на Виолета.

Мајка ми работи во градинка и таа премногу ги сака сите деца, особено оние кои се малку подебелки. Нашиот Димитар е слабичок, па таа цело време настојува да јаде, впрочем како што прават сите баби, низ насмевка вели Милан.

„Ајде бабе касни уште малку“, вака мајка ми постојано му вели на Димитар, кој иако има само четири години и’ кажува да не го тера на тоа, дека сака да јаде колку што мисли дека му е доволно – додава Милан.

Вели дека нема прошетка низ градот, а неговата мајка да не се радува на децата на случајните минувачи. „Им зборува на децата, ги штипка, им купува бонбончиња и понекогаш родителите чудно реагираат бидејќи не не’ познаваат“, раскажува Милан.

„Велат дека бабите и дедовците многу повеќе ги сакаат внуците од сопствените деца и јас се уверив во тоа кога мојата четири години постара сестра го роди синот. Кога тој ќе дојде, настанува хаос, има играчки на сите страни, но мајка ми не се лути. Таа е мирна, попуслива и кога го гледа него, како да го има целиот свет на дланка“, споделува нашиот соговорник од Штип.

Го прашавме и како тој ја негува љубовта кон својата мајка.

„Секако дека е убаво да се одбележи Меѓународниот ден на жената, но тоа не треба да е единствениот ден од годината кога ќе и’ подарите нешто на својата мајка, или пак на која било друга жена што ви значи во животот“, вели Милан кој додава дека без никаков повод и причина знае да купи цвеќе за мајка си.

„И кажуваме дека нема место веќе за вазни, таа ги има во разни големини, со различни дезени. Но сепак, знае и да донира многу работи, особено кога имаме некои поголемо чистење дома. Работите ги носи во Црвен крст или пак, им дава нешто на соседите доколку е тоа потребно“, нескромен е Милан.

Тој се сеќава на една анегдота која само покажува дека колку и да сме возрасни, за мајките остануваме деца.

„Имав закажно операција во Болницата во Штип и тоа не беше нешто сериозно, па сам отидов, преспав таму и следниот ден операцијата требаше да биде извршена. Во еден момент ја видов мајка ми во ходникот. И’ велам мамо што правиш овде, а таа ми кажува дека се ослободила од работа за да го помине целиот ден во болничкиот ходник“, се сеќава Милан.

„Докторите не’ гледаат, ние се расправаме.  Видов-не видов, попуштив. Јас сум возрасен маж, но ете таа се загрижила и чекаше надвор цело време додека не се увери дека сум добро“, додава тој.

Вели дека неговата мајка никогаш не ги дели работите на машки и женски но не запира дури и кога не се чувствува добро.

„Може да е омалаксана, болна, но повторно не ни дава ние да се погрижиме за неа. Не сака да не’ загрижува, па вели дека и’ е добро, дури и кога не и’ е. Ние колку и да настојуваме да седи дома да се одмори, таа ќе излезе сама ќе си купи и овошје и лекови“, раскажува Димитар.

За крај додава дека жените секогаш треба да се почитуваат и дека е убаво да се обележуваат деновите како „8-ми Март“, но да не се изуми да им се каже топол збор, да им се подари нешто од срце  во кој било друг ден од годината, за да не се потцени нивната величина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.