ММС

Објавено на: 02/10/21 10:06 PM

Далеку од очи, далеку од срце не важи за Мери и Микола- Почнаа во Скопје, а во Киев ја испишуваат љубовната приказна

Јас романтично запросување во овој живот немам. Можеби ќе имам во некој друг, но воопшто не ми е жал – вели Мери Амбросова потсетувајќи се на првиот чекор кон заедничкиот живот со нејзиниот сегашен сопруг, Украинецот Микола. Кога ќе се спомене нејзиното име, „тазе печените“ мајки се асоцираат на промовирањето здрав начин на живот. Оваа млада жена со потекло од Скопје, веќе неколку години живее на киевска адреса. Меѓу инстаграм заедницата стекна популарност со споделувањето рецепти за разноразни јадења, но и совети за убава форма на телото. Оние кои ја следат на оваа социјална мрежа, може да посведочат и на растењето на Марта – плод на интернационалната љубов. Токму љубовната приказна која почнала да се пишува во нашиот главен град, а продолжува во Киев, е причина за разговорот со Мери. За читателите на Македонски медиа сервис ја претставуваме од еден поинаков агол во пресрет на Денот на вљубените.

А за да се комплетира љубовната слика, мора да се почне од почеток, од Скопје, на спортските терени.

„Мојот сопруг е судија и кога се запознаваме, кај нас во Скопје се организираше ФИБА меѓународен кошаркарски турнир во кој имаше судии од повеќе држави. Јас во тоа време бев одговорна за записничка маса. Така се запознавме на еден натпревар, а потоа мој пријател ме покани да ги шетаме судиите и чиста случајност, сопругот беше еден од тројцата“, се сеќава Мери. Не сум размислувала многу за тоа како се’ се случи, за првото „симпатизирање“, но прво имаше нешто како „исмејување“. Јас на записничката маса пред друг судија го коментирав мојот сегашен сопруг и велев „каков Украинец е судијата кога е со потемен тен“. Тој тоа го разбрал како смешкање, а потоа јас забележав дека мене он ми се смешка и си помислив „што му е на судијата“. После прошетката која веќе ја споменав разменивме профили на ФБ и јас прва напишав да се видиме (хахах). Дефинитивно на почетокот немаше традиционално додворување – вели Мери.

Со Микола на почетокот зборувале англиски, а како интересно го издвојува тоа што на натпреварот на кој се запознале таа не требало да присуствува, но ја викнале на замена. „Тоа е што е, дај барем да се забавуваш малку“ – си рекла во себе, не очекувајќи дека таму ја чека човекот, кој кратко потоа ќе стане љубовта на нејзиниот живот.  Така во период од четири месеци постојано комуницирале преку интернет, по што со задоволство ја прифатила поканата да биде гостинка во Киев. Одлучиле да одат на одмор во Египет, па потоа паднала одлука да имаат и дете. На свадбата која се случила во септември, Мери веќе била бремена и така со новиот живот во себе се преселила во Киев.

-Бевме решени да се земеме, сопругот само ме запроси со простен на семеен ручек. Сепак, не го очекував тоа и беше пријатно изненадување – се сеќава нашата соговорничка.

Таа успеала да ја организира свадбата за еден месец, но тоа не и’ било толку еуфорично, колку бирократските процедури низ кои парот требало да помине за да може да склучи граѓански брак.

-Партнерот мораше да добие дозвола дека може да земе жена од Македонија и дека ќе е одговорен таму за мене – вели Мери, чија свадба не била со многу обичаи. Сепак, имало голема погача која ја сечат украинските младоженци, нешто што овде го нема.

Објавата дека ќе има свадба ги зачудило најблиските, а другарките не пропуштиле да ја потсетат дека не се знаат долго. Сепак, како што вели Мери, не се соочиле со некакви притисоци или предрасуди поради врската на далечина, а потоа и поради селењето.

-Веќе сите беа навикнати дека кога ќе кажам нешто тоа е, убедувањата нема да поминат, така и сите си прифатија – додава таа.

Доаѓањето пак, на Марта, им го зацврстило односот со сопругот.

„Јас дојдов бремена овде, сопругот многу патуваше и претходно, но и кога се роди Марта. Ние го немаме тој момент на дечко и девојка сами да патуваат, да одат во кино, туку наеднаш се’ дојде,  па како доаѓаа работите така ги решававме. Станавме поотворени, повеќе се почитуваме и помагаме. Не знам како да кажам, а да не згрешам. Јас сум потолерантна со Марта, он е построг, но од друга страна он повеќе ја размазува и и’ угодува“, признава Мери.

Дека ужива во улогата на мајка, е несомнено, па своите искуства ги разменува и со останатите кои имаат мали деца. Ја прашавме и како  функционираат семејствата во Украина?

„Овде подолго е работното време, затоа мајките и подолго време се дома со децата до 2-3 години, мајката не оди на работа по раѓањето на детето. Најчесто после прво иде второ дете и така они се дома и по 6-8 години, а дури потоа бараат работа. Скоро сите додека се дома тие години се занимаваат со некое хоби, онлајн продажба, интернет работа. Мажите работат и до 20 – 21 часот,  обично тогаш се враќаат дома, некои работат и по две работи. Овде за викенди семејствата одат на ручек, прават пикник, кафе пијат многу брзо, може да видиш како одат и по пат пијат алкохол или седат на клупа и пијат, јадат чипс“, ни раскажа Мери.

Многумина рекле дека љубовта на далечина не успева. „Далеку од очи, далеку од срце“ – тоа за Мери и Микола не важи.

„Што поскоро да се сместат на едно место. Јас имам искуство со тригодишна врска Скопје- Белград и заврши неславно. Сите сакаме да поминуваме време со саканите, да делиме моменти, едноставно на почетокот првите 6 месеци (овде психолозите го викаат период на пеперутки и цвеќиња, но после 6 месеци кај сите проаѓа и после тој период е важно љубовта да се негува) не е важно каде сте, првата заљубеност ве држи, вие не размислувате на ништо друго само еден за друг,  но потоа е важно да сте заедно, да ги делите тие моменти, да си посветувате внимание, да делите убави моменти заедно,  за да не тргне некој од партнерите на страна. Кога сте во брак е друга приказна некако сте врзани и раздвојувањето оди потешко. Тоа е мое гледиште на работите. Јас знам за нас дека ние, ако не се преселев тогаш, ќе се раздвоевме. Едноставно околностите ќе беа такви сопругот да е по патишта, јас да сум по патишта или со работа и да се гледаме само за празници и на крај сигурно ќе прекиневме контакт“, вели Амбросова.

„Знаете, на се’ човек се навикнува, некако кога влегува свесно, спремен е на промени, знае дека назад нема, нема ни потешкотии. Кога не се врзува за минатото, тоа е мислам најважно“, порачува Мери. Таа и нејзиниот сопруг годинава првпат ќе бидат заедно на Денот на вљубените, па планираат да го прослават со заеднички ручек и некои ситни подароци.

 

Вања Мицевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.