ММС

Објавено на: 01/18/21 7:22 PM

По крстот на Водици и на -20, кога Брегалница во Малеш беше како Нева во Санкт Петербург

Мразот пред пет години од замрзнатите води во Берово и во Пехчево се кршеше со секири и со други алатки за да може да се реализира обичајот на положување на светиот крст, и годинава температурата на Водици ќе биде доста ниска во Малеш, каде што во јануари 1954 година е измерена најниската температура од -31,5 степени во Македонија откако се вршат мерења, но, поради пандемијата, положување на светиот крст годинава на Водици во македонските реки и езера, според најавите, нема да има

Пишува: Љупчо Шатевски

Ударна вест во многу светски медиуми на 19 јануари 2016 година беше скокањето по светиот крст на Водици во реката Нева во Санкт Петербург, Русија, на минус 20 Целзиусови степени. Истиот ден, на истиот празник пред пет години, на слична температура се вадеше светиот крст и од водите на Брегалница во Малеш, иако за тоа светот не разбра. И оваа година утринските температури во Малешевијата се многу ниски, само пет-шест степени е „потопло“ отколку во 2016 година. Утрово во Берово беа измерени -16, а за утре, на Водици, УХМР прогнозира -13. Но влегување, како што е најавено за цела Македонија, во реките нема да има, не поради тоа што Малешевци се плашат од студот, туку поради мерките против коронсвирусот.

Мразот се кршеше двапати за да може да се влезе во водата

А, како беше во Берово и во Пехчево, двете малешевски општини, на 19 јануари 2016 година. Во Берово во 7 часот, два часа пред фрлањето на крстот во Брегалница, температурата беше -19, а во малку повисокото Пехчево -20, со што и тоа утро беа најстудените градови во Македонија. Снежната покривка во Малеш тогаш беше 25 сантиметри.

За да има услови за скокање по светиот крст, беровци првин мораа со секири и со други алатки да го кршат мразот во Брегалница. Слично беше и во Пехчевска Река, притока на Брегалница, во Пехчево. Се’ помина без никакви последици и најбрзите двајца успеаја да дојдат до светиот крст.

Прво работеа секирите, па скокачите: Берово на 19 јануари 2016

– Во Малеш сме навикнати на вакви температури. Често знае да биде и постудено, но вака ниска температура одамна немало на Водици. Пехчевска Река во понеделникот, ден пред Водици, беше замрзанта, па го кршевме мразот на местото каде што треба да се положува крстот. Но, преку ноќта водата пак беше зафатена од дебел мраз, па утрото повторно мораше да го кршиме за да има услови да се спроведе светиот чин – ни’ рекоа тогаш од јавното комунално претпријтие „Комуналец“ од Пехчево.

Мразот мораше да се крши двапати: Пехчево на 19 јануари 2016 година

Најниската темпратураво Македонија од -31,5 степени е измерена во јануари 1954 во Берово

Во Малеш, откако се мерат температурите, е регистрирана и досега најниската измерена температура во Македонија од -31,5 степени, измерана на 27 јануари 1954 година на мерните инструменти во Берово (Пехчево нема метеоролошка станица).

На 27 јануари 1954 година во Малеш измерена најниската температура во Македонија откако се вршат мерења – минус 31,5 степени: Беровско Езеро под мраз пред неколку години

И покрај климатските промени и порастот на на температурите на глобално ниво, во Малешевијата и во споследните десетина години во неколку зими се мереа многу ниски температури. Така, во 2012 година инструментите покажале и минус 25, а пред четири години, на Божик, 8 јануари 2017 година, -28 степени.

На -28 степени: Пехчево на Божик 2017 година

Малешевци во шега велат дека некогаш се чувствуват како пингвини, навикнати на студ зашто температурите кај нив често се слични на сибирските, руските. Во јануури 2017 година светските агенции објавија дека рускиот главен град Москва таа година го имал најстудениот Божик во последните 130 години со измерени -29,9 степени. Мерните инструменти во Берово, пак, тогаш покажаа „само“ -28 степени.

МНОГУ ИНЦИДЕНТИ ВО МАКЕДОНИЈА НА ВОДИЦИ ВО ПОСЛЕДНАТА ДЕЦЕНИЈА

Учеството во вадењето на светиот крст од водите кај нас, за жал, во последната деценија-две како да се комерцијализираше, па освен вистинските верници, по крстот скокаат и многумина што мислат само на наградите – телевизори, лаптопи, пари, што ги доделуваа општините, разни спонзори…

Поради тоа, се случија и многу инциденти во последните десетина години. Мешаници, турканици, па и тепачки во водите што не доликува на еден свет чин. Многумина сигурно уште се сеќаваат на снимките од Делчево во 2011 година, кога во водите на Брегалница дојде до тепачка, а свешетникот од мостот на пијанечки дијалект смируваше:„Пуштете детето, бе“. Три години подоцна, на Водици во Скопје многубројните борбени „фаќачи на крстот“ влегоа во водите на Вардар уште пред архиепископот да го положи светиот крст, па одвај беа вратени.

За еден таков инцидент во 2014 година во Штип се сними и филм – „Господ постои, името и’ е Петрунија“. Таа година во водите на Брегалница во штипско Ново Село до крстот прва стигна Борислава Васкова, како прва припадничка на понежниот пол. Но, крстот на самото место и’ беше одземен од мажи. Тие веднаш беа најдени, а крстот вратен, но продолжија полемики дали учеството на жени во ритуал досега наменет за мажи е во „согласност“ со црковните, општествените традиции…

Борислава Васкова на Водици 2014 година, кога го извади крстот од водите на Брегалница во штипско Ново Село

Годинава, поради пандемијата, на Водици ќе нема масовни собири, туку, според најавите, само литургии во црквите, во чии дворови треба да се одржува и обичајот со положувањето на светиот крст. Можеби оваа пауза ќе придонесе од следната година да се реши проблемот со комерцијализацијата на традиционалниот христијански обичај.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.