ММС

Објавено на: 01/7/21 9:03 AM

Имињата за документација, прекарите за комуникација: Во многу македонски населби нема човек без прекар, кои се најинтересните?

Во многу македонски градови и села половината жители имаат и прекари, во некои региони, како источниот, има населби во кои речиси секој си има алтернативно име создадено од народната креативност, прекарите почнаа и да се евидентираат, собираат, систематизираат, публикуваат, проучуваат, а во овој текст за најинтересните прекари во Штип, Кочани, Македонска Каменица, Делчево, Берово, Пехчево…, со тие што ги евидентираат и со тие што ги носат прекарите

Пишува: Љупчо Шатевски

Прекарите се нешто како лична карта или матичен број издадени од народот. Така е речиси насекаде низ Македонија. Луѓето повеќе ги знаат по прекарот отколку по официјалното име и презиме. Прекарот добиен од народот многу често е посилен од името добиено од кумот. Во некои македонски градови и села прекар, односно алтернативно име има секој втор човек, во други речиси и нема човек без прекар. Така е и во многу населени места во источниот регион.

Добичето, Петлето или Краставичката?

„Кој Ванчо барате? Овде не кажувајте име и презиме, туку прекар, бидејќи по нив се знаеме сите. А, имаме тројца Ванчовци – Добичето, Петлето и Краставичката, но сите живеат во исто маало, па лесно ќе го најдете тој што ви треба“.

Вака пред неколку години не` пречекаа на влезот на едно село во брегалничкиот регион неколкумина љубезни селани, обидувајќи се да ни` помогнат во потрагата по еден пријател..

Народната инвентивност во креирањето прекари е навистина богата. Во револуционерното и востаничко Разловци, на пример, освен тие со стари и оригинални прекари, има некои и со понови датуми. Како Јавниот обвинтел, за човек што често се тужел по судови, или Агентот, за човек што имал обичај да прислушува. Некои го наследиле прекарот како семеен уште од востаничките времиња, како Комитата, Војводата, но има „увезени“ дури и од американскиот „Див Запад“, како, на пример, Шерифот. Наставникот Ванчо Спасевски, пак, иако му е потомок на Цоне Спасев, еден од водачите на Разловечкото востание од 1876 година, има британски прекар.

Ванчо Спасевски – Чарли
Во Малеш прекарите ги викаат и парамони

Повеќе од половината жители на Малеш, односно на Берово и Беровско и на Пехчево и Пехчевско, имаат прекар или парамон, како што ги викаат Малешевци. Во Берово меѓу попознатите прекари (повеќето на малешевски дијалект) се: Вампире, Балкане, Бруката, Агата, В’ко (Волкот), Вретенцето, Владиката, Грко, Лизгаре, Макароната, Мечо, Мизеријата, Мусолини, Мрс, Паролата, Пумпата, Суртуко, Семката, Цревото…

Суртуко, Макароната, Вампире, Балкане, Бруката, Мизеријата, Паролата: Дел од прекарите во Берово

Од стотиците прекари, во Пехчево меѓу најкаректиристичнте се: Дрнкалото, Цицето, Ваљако, Мешалицата, Муцката, Дваесетти Век, Мастичето, Тутурутката, Олошо, Нерезо, Маршало (по Тито), Шеш-беш (според коцкарска игра), Парашка, Панделката… Семејството Андоновски, пак, необичниот семеен прекар Демократски го носи речиси еден век. Меѓу двете светски војни Ефтим бил член на Демократската партија. Тогаш го завикале Демократски, па си останал прекарот Демократски. И во социјализмот и сега. Така ги викаат неговите деца, внуци, правнуци.

Мастичето, Тутурутката, Муцката, Олошо, Маршало, Парашка, Демократски: Дел од прекарите во Пехчево

 

Евидентирани и класифицирани 1.000 штипски прекари       

Историчарот Александар Донски и неговиот пријател, сега покојниот Ангел Арсов, пред десетина години евидентираа и направија класификација на околу 1.000 прекари на штипјани, запишани во оригинал, на штипски дијалект. Предвид не ги зеле прекарите изведени од официјални презимиња на луѓето. Ги поделиле во 20-ина категории. На пример, прекари според имиња на животни (речиси нема животно по кое некој штипјанец не носи прекар), прекари поврзани со исхраната (Јајчаро, Качамако, Кашата, Кубаската, Кашкавало, Мортаделата, Смоки…), со пијалаци (Кафето, Лимонатката, Синалко, Мастикос…), со оружје (Бомбата, Бомбицата, Пиштоло, Пушката, Шарац…), со музиката (Битлсо, Ринго, Точак…), со спортот (Бонавена, Вахата, Сантос, Фишер, Џајо, Шеки…), со занаети, необични дејности и статуси (Брицо, Жонглеро, Шмекеро, Бандито, Гангстеро, Грофо, Мафијата, Милионеро, Сиромао…), со ликови од филмовите и стриповите (Атомската Мравка, Белмондо, Бен Квик, Клара, Блек, Мамли, Рамбо, Роки, Сандокан, Тарзан, Чита, Шејн…), хорор-прекари (Дракула, Ѓаволо, Убицата, Франкенштајн, Фантом, Чумата)…

Систематизирани прекари по категории на 1.000 штипјани: Штип

– Прекарите претставуваат составен, но досега малку обработен дел од етнографијата на нашиот народ. Најголем дел од луѓето што го носат своето ново име – прекарот, не се лутат поради тоа, иако многумина отпрвин имале одбивност кон тоа најчесто наметнато второ име. Подоцна, сфаќајќи дека на народот не може устата да му се затвори, прекарите се прифаќаат како дел од идентитетот, па некои своите прекари ги ставаат и како имиња на нивните фирми, а прекарот често стои и на некрологот кога човек ќе почине – вели Донски.

Ја сакал песната „О, Маријана“, му останал прекарот Маријаната

Слична анализа и класификација, но за прекарите во Кочани, прави поранешниот дипломат, амбасадор и пратеник, а сега пензионер, Благој Зашов. Иако родниот град го напуштил пред повеќе од половина век, не заборавил на својата младост и на прекарите, кои и во Кочани се многу чести. Ги запишува по азбучен ред и досега има евидентирано околу 500 прекари. Вели дека ќе на крајот тоа сака и да го публикува.

– Народната креативност е голема, па има многу интересни прекари, кои најчесто се поврзани со имиња на животни, растенија, со занаети, случки… Меѓу поинтресните примери е и тој на три кочански семејства, кои и денес ги носат прекарите Прчковци, Ѓаволи и Лисици. Своевремено, главите на  семејствата биле лимари. Во кралска Југославија решиле да формираат заедничка лимарска работилница-задруга што ја именувале како „Фирма јака на три ортака – Прч, Ѓавол и Лисица“, а ставиле и таков натпис на влезот – раскажува Зашов.

Прекари стари и по повеќе од еден век: Кочани

Во Кочани е доволно и да сакаш некоја песна за да добиеш прекар, каков што е Маријаната, што денес го носат кочанскиот хуманист Димитар Велков – Маријаната, кој повеќе од 170 пати има дарувано крв, и неговото семејство. Татко му бил киноапаратер во кочанското кино. Многу ја сакал и често потпевнувал пред половина век популарната далматинска мелодија „О, Маријана“, па многу брзо го добил прекарот Маријаната, кој потоа го наследиле неговите потомци.

ВО ПЕХЧЕВО – ТАТКО МЕРАКЛИЈА, ЌЕРКИ МЕРАКЛИКИ, ВО КАМЕНИЦА И КАФЕАНИТЕ ГИ ИМЕНУВААТ ПО ПРЕКАРИТЕ НА ГАЗДИТЕ

Прекарите се „привилегија“ главно за мажите, но не ретко прекари имаат и жени, како што е случајот и со две сестри од Пехчево. Павлина Тренчовска вели дека нејзиниот татко Ѓорѓи го викале Мераклијата. Ако имал син сигурно и него ќе го викале Мераклијата. Но, му се родиле ќерки, па сега тие го носат прекарот Мераклики.

Пензионираниот рудар Малеш Велиновски (65) истакнува дека речиси секој човек во Македонска Каменица има прекар. Според прекарите на газдите на локалите, а не по официјалните имиња на објектите, каменичани и каменичанки ги нарекувале и кафеаните, кафулињата, сендвичарниците, па на кафе, сок, пиво или на вечера се одело кај Гуштеро, Џаферо, Говедото, В’ко, Шиљо, кај Шизико, Пиштоло, Осим…

На кафе, пиво или ручек кај Гуштеро, Говедото, В’ко, Шиљо, Шизико, Пиштоло или, како на сликата, во „Долина на волците“: Македонска Каменица

Малеш, пак, носи едно од најретките имиња во Македонија. Според официјалната статистика, името Малеш го носат помалку од петмина, а сродното Малиш – триесетина жители на Македонија, сите во источниот регион.

– Најмногубројни со името Малеш или Малиш сме од Македонска Каменица и околината, а не од Малешевијата, како што многумина би помислиле. Некои велат дека името потекнува од некој стар овдешен трговец Малиш, а други оти Малеш или Малиш во некои стари јазици значело планина. Но, иако се викам Малеш, повеќе од 90 отсто од луѓето ме викаат Шеќерко, каков што ми е прекарот од дете. Сум го добил по кучето Шеќерко од тогашниот истоимен цртан филм. Денеска во Каменица беше пазарен ден. Се сретнав со 100-200 луѓе. Сите ми се обраќаа со Шеќерко, а само еден ме нарече со моето вистинско име. Се плашам да не престанам да реагирам кога некој ќе ме повика со моето вистинско име – вели Малеш Велиновски – Шеќерко.

Малеш Велиновски – Шеќерко