ММС

Објавено на: 12/28/20 12:53 PM

Ќе добие ли Охрид уште една шанса од УНЕСКО?

По објавувањето на најновиот извештај на УНЕСКО на почетокот  на 2021 година, не се исклучува можноста, регионот околу Охридското езеро, да биде ставен на листата на загорзени подрачја. Граѓанските организации сметаат дека тоа е најдобро решение за регионот нападнат од дивоградби и узурпација на природата. Додека за локалната власт, извештајот не значи дека Охрид ќе го загуби статусот на заштитетено подрачје, туку ќе даде простор за „поревносно решавање на проблемите“.

Неисполнувањето на дел од препораките од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО,Охрид можат да го стават на т.н „црна листа“ на загрозени подрачја под заштита на оваа Светска организација за заштита на културното и природното наследство. Градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиески вели дека никогаш не бил доведен под знак прашање статусот на Охрид под УНЕСКО, но, не ја исклучува можноста, регионот околу Охридското езеро, да биде ставен на листата на загорзени подрачја.

„Прашањето е сега дали Охрид ќе остане членка, запишан на листата на УНЕСКО, меѓутоа ќе биде ставен на таа листа во опасност, што значи дека ние поажурно и по ревносно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемите. Воопшто не зборуваме за губење на статусот на Охрид, како членка на УНЕСКО. Зошто? Затоа што во 1980 година, кога Охрид е запишан како град на УНЕСКО,тогаш немаше колекторски систем, и тоа не било пречка градот да биде запишан на таа листа. Ние сите знаеме, дека на кејот во Охрид, тогаш неможевме да се капиме затоа што водата не беше чиста. Сега имаме драстично различен случај, но имаме други проблеми во однос на урбанизација и во однос на преизграденост“, вели Ѓеорѓиески.

Од граѓанската иницијатива Охрид СОС, велат дека е најдобро во овој момент Охрид, да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

„Ние опстојавме на ставот дека регионот мора да биде преместен на листата на светско наследство во опасност, бидејки де факто припаѓа таму, поради степенот на уништување и поради игнорантскиот и лежерен однос на македонските власти“, вели Драгана Велковска од Охрид СОС.

Велковска очекува забелешките кои од граѓанскиот сектор ги доставиле до реактивната мисија на УНЕСКО, целосно да бидат инкорпорирани во најновиот извештај.

„Тие се всушност и единствените објективни забелешки кои можат да дојдат од македонска страна, бидејки македонската власт, со години упорно ги крие податоците и не ја прикажува вистинската слика на регионот и вистинското лице на единственото светско наследство кое Македонија го има.Тоа што го повторуваме е дека препораките кои беа од претходната мониторинг мисија не беа испочитувани во целост. Македонските институции периодот по реактивната мониторинг мисија од 2017 година до оваа последната што дојде, наместо да го искористат, максимално што може да ги спроведат препораките, тие го губеа времето на лажирање на спроведување на препораките, со што сакаа да остават слика и во јавноста и пред самите членови на реактивната мониторинг мисија, дека се работи во насока на заштита на регионот, во насока на исполнување на тие обврски, но тоа не беше случај“, додава Велковска.

Што не е завршено?

Градоначалникот Ѓеорѓиески  вели дека во изминатиот период многу од работите кои што УНЕСКО, ги поставил како задача биле исполнети, но оти многу од работите не биле исполнети.

„Во 2020 година државата го донесе менаџмент планот, односно Планот за управување со УНЕСКО регионот и тоа беше еден исчекор,кој ќе се нотира во најновиот извештај кој ќе го добиеме. Меѓутоа тоа е нешто што ќе продолжи и во 2021 и 2022 година, се додека не поправиме некои состојби, со кои во изминатите дваесет-триесет години се нанесени штети, на целиот овој регион. Извештајот кој ќе го добиеме ќе се однесува и на албанскиот дел од поседот, затоа што после Баку 2019 година, во УНЕСКО сме сите заедно како регион. Напредокот кој е направен, ќе биде нотиран. Ќе бидат нотирани сигурно и други препораки  од извештајот од 2017 година. Ќе биде нотирано носењето на Планот за управување, регулацијата на сообраќајот во стариот дел на Охрид, ревитализацијата на колекторскиот систем, а како позитивно ќе биде нотирано и тоа што е изработен и инвентарот на бесправно изградените градби. Тие забелешки кои не сме ги исполниле, знаете кој сме. Доцниме со стратешката еваулација на влијание на животната средина на бесправните објекти, доцниме со отстранувањето на бесправните објекти, бидејки тоа е еден од најкомплицираните, најскапите  и најсложените процеси. Касниме со решавањето на депонијата Буково. Доцниме со носењето на урбанистичките планови.И сето тоа ќе биде нотирано“, вели Ѓеорѓиески.

Според првиот човек на Охрид, Планот за управување со природното и културно наследство охридскиот регион е донесен и треба да биде зачеток на решавање на сите проблеми. Сега вели тој, треба деталните урбанистички планови кои се носени изминатите десет години, да се усогласат со тој план во однос на висините и процентот на изграденост. Но, тоа вели е процес, кој неможе да се реши од денес за утре.

Општината Охрид наскоро ќе објави тендер за избор на фирма, која ќе продолжи со рушење на бесправните градби.

Општина Струга и натаму молчи за дивоградбите

Меѓутоа, од Охрид СОС, сметаат дека навододното справување со дивоградбите е тактичко однесување и е политичка одлука, која била временска пред изборите. Сметаат дека и општина Струга мора да ја сфати сериозно работата и да ги преземе својот дел од обврските. Општина Струга и понатаму не го соопштува точниот број на дивоизградени објекти, на нејзина територија.

„Оние кои се одговорни за неспроведување на препораките и за непочитувањето на законите, мора да сносат санкции. Градоначачникот Мерко, мора да биде санкционира, затоа што не спроведе ништо од тоа што беше должен да спроведе и начините на кои се работи таму, тој отворено си кажуваше, дека него не го интересира мислењето на граѓанскиот сектор, него не го интересира ништо, дека се работи според законот и дека во Струга нема дивоградби, што е апсолутна невистина, бидејки ние видовме само еден список, кој беше составен само од барања за легализација на дивоградби, а никаде не излезе целосен список, со констатирани дивоградби, кои ги констатирал надзор. Таа општина се однесува како да нема никаква должност, како да нема никакви обврски“, вели Драгана Велковска од ОХРИД СОС.

Инаку, државата имаше рок до февруари 2020 година, да одговори позитивно на забелешките на УНЕСКО од состанокот во Баку,Азербејџан, од јули 2019 година. Постигнатиот напредок требаше да се разгледува оваа година во јуни во Кина, но поради пандемијата со Ковид 19 истиот не се одржа.

Депонии, дивоградби,загрозен стариот дел од градот

Забелешките на УНЕСКО, во најголем дел се однесуваат на неконтролираниот урбан развој и експлоатацијата на крајбрежјето, како и на несоодветната градба. Исто така требаше да се промени трасата за делницата од автопатот А2 од Струга до Требеништа, со цел тој да не го попречува движењето на живиот свет од двете страни на трасата, како и преместување на трасата на железничката пруга до Албанија, бидејки првично се планираше истата да поминува покрај самото Охридско езеро во делот помеѓу Струга и Радожда. Обврска на општина Охрид беше затворање на стариот дел на градот за моторен сообраќај, а  општината требаше набави и електрични возила со кои ќе ги превезува жителите. Но, засега тоа прашање е регулирано со поставување на рампи, каде може да се влегува само со специјални пропусници. Не е решено и прашањето со двете диви депонии, едната во близината на Струга и другата Буково, каде Охрид и Струга го носат отпадот, а кои според барањата на УНЕСКО, требаше да бидат затворени до крајот на 2020 година.Но тоа е невозможно да се случи, а двете општини и понатаму таму го одлагаат сметот.Добрите познавачи на приликтие сметаат дека ставањето на листата на загрозени подрачја е само еден чекор до губење на статусот под заштита на УНЕСКО, но сметаат дека барем до тоа нема да дојде никогаш, бидејки Охрид со својата и природна и културна важност е важен дел од светското наследство.

Летово започна акција за отстранување на дивоизградените објекти во Охрид, кои само во заштитениот појас околу Охридското езеро, стариот дел на градот и Националниот парк Галичица ги има 409. Беа отстранети само неколку објекти, а локалните власти најавуваат дека акцијата ќе се одвива се додека не биде отстранета и последната таква градба.

Инаку на 5-ти септември 1979 година под закрила на оваа меѓународна организација прво беше ставено Охридското езеро, а во 1980 година и Охридскот регион и неговото културно наследство.

Мики Трајковски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.