ММС

И докторите беа изненадени од напредокот на мојот мал борец – Со Кристина Ампева за предвременото раѓање на синчето Илијан

Секоја година на седумнаесетти ноември, штипјанката Кристина Ампева му купува подарок на своето синче Илијан. Овој датум е вистински празник во семејството Ампеви, бидејќи е посветен на предвремено родените деца, а Илијан е едно од нив. Ампева и’ стана позната на јавноста пред неколку години кога гласно почна да говори за проблемите и прекршувањето на работничките права во текстилната индустрија, но денес за ММС реши да ја раскаже својата животна приказна. Илијан е најмалото од трите деца на Кристина, но и нејзиниот сопруг и е роден еден месец предвреме.

„На контролата во седмиот месец од бременоста се’ си беше во ред, но во осмиот ми кажаа дека детето не качува килажа. Во тој период имавме некои стресови, па сите нервози ми излегоа на виделина. Детето дојде на свет еден месец порано од што требаше и докторите очекуваа дека ќе треба извесно време да биде во инкубатор, бидејќи постоеше можност белите дробови да не му се доволно развиени. За среќа ова не се случи, па и самите доктори беа изненадени од напредокот на мојот мал борец“, вели Кристина за Македонски медиа сервис, која била породена со царски рез. Поради комплицираната ситуација породувањето морало да се случи во Скопје, наместо во Штип, зашто докторите сметале дека таму апаратурата е подобра. Кога се родил, Илијан тежел само два килограма и 80 грама.

„Навистина е стресно гинекологот да ти каже дека бебето не напредува и дека треба да го родиш предвреме. Јас не мислев на ништо друго освен детето да ми е живо и здраво и кога сестрите во болница сакаа да му дадат вештачко млеко, а јас да одморам, им реков дека не може. Илијан беше цело време до мене, си го доев и по една недела си се вративме дома“, споделува Кристина.

Кога се вратиле дома, новиот член на семејството со радост бил прифатен од своите дадички од кои сега, според мајката, тој се разликува во карактерот.

„Ќерките супер го прифатија, но се плашеа да го држат во раце бидејќи беше премал. Целата гардероба што му ја имавме купено му беше огромна. Сепак, кога имаше четириесетина дена тој веќе имаше килажа колку и останатите деца на таа возраст. Ептен сум горда на него, а и самата јас бев истрајна за доењето“, ни откри штипјанката која се’ уште е во оние групи на социјалните мрежи каде се дискутира на оваа тема, бидејќи сака да им биде поддршка на другите мајки.

Во своите домашни обврски таа ја добива најголемата помош токму од најмалиот член на семејството. Иако има само шест години, Илијан е свесен за важноста на родовата еднаквост и тој воопшто нема проблем да придонесува во средувањето на гардеробата или готвењето на ручекот.

„Ситуацијата со породувањето не беше добра, но мојот син сега е паметен, ведар, убав…Тој си чисти по дома со мене, знае да ја вклучи машината за перење алишта, а правиме и јадења заедно“, вели мајката на малиот борец.

Ова мало штипјанче следната година ќе тргне во прво одделение, но веќе ги знае буквите. Она што најмногу го радува се диносаурусите, па родителите често му купуваат вакви сликовници, а некои од нив се набавени од Хрватска, бидејќи таму има поголем избор од овде.

По повод денешниот ден, Клиниката за гинекологија и акушерство и организацијата Лулка организираа тркалезна маса каде беше соопштено дека годинава на ГАК имало 490 предвремени породувања, за разлика од минатите години кога овој број се движел од 600 до 700.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.