ММС

Во Софија некогаш немало дилеми: „Гоце Делчев е еден од најголемите синови на македонскиот народ, кој ги обедини првиот и вториот Илинден“

„Гоце е една од најголемите легенди на македонскиот народ, какви што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев, ако вториот Илинден заврши толку блескаво, неговата генерална проба од 1903 година, организирана од Гоце и неговите соборци (и покрај измамите и подлите пресметки на внатрешните и надворешните врховисти со предвременото кревање на востанието) беше и ќе остане како еден од условите за победоносното привршување на вториот Илинден – 11 Октомври 1941, кое се доврши на Илинден 1944 со историското заседание на АСНОМ“, рекол во говорот во Софија на 7 октомври 1946 година, по повод испраќањето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, Тодор Павлов, еден од највлијателните луѓе во Бугарија по Втората светска војна

Пишува: Љупчо Шатевски

Единаесетти октомври Македонија веќе речиси осум децении го слави како Ден на народноослободителното востание на македонскиот народ, но тој датум не треба да се заборава  и по нешто друго – од 11 Октомври 1946 година жителите на слободна Македонија почнаа да го посетуваат гробот на македонскиот великан Гоце Делчев (1872-1903), откако неговите посмртни останки беа донесени од Софија во Скопје, со што е исполнет заветот Делчев да почива во главниот град на слободна Македонија.

Исполнет завет Гоце да почива во главниот град на слободна Македонија

Македонците во знак на почит на долгиот пат го носеле три дена, на 7,8 и 9 октомври 1946 година, за следниот ден, 10 октомври, неговите коски да бидат положени во саркофагот во црквата “Св. Спас“ во Скопје. На патувањето од Софија до Скопје, цела Пиринска Македонија биле на нозе, исто како и Струмица, Штип и сите други места. Сите масовно му оддавале почит на идеологот на македонското револуционерно движење и тоа чествување е едно од најголемите во историјата на современата македонска држава.

Македонците на патот од Софија до Скопје секаде масовно му оддавале почит на великанот: Петрич (слика горе), Штип (слика долу)

 

Како што е познато, по убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 година кај Баница, Михаил Чаков и Таската Серски една ноќ во 1906 година се упатуваат скришно во Егејска Македонија, во Баница, за да ги откопаат коските на Гоце, кои ќе бидат потопени во шпирбтус и ќе бидат положени кај олтарот на црквата во Баница. Неколку години подоцна, односно во текот на двете балкански војни (1912-1913 година), Баница била трипати палена, а еднаш и црквата во која се наоѓале коските на Гоце, но тие останале целосно неоштетени.

Михаил Чаков стравувал дека црквата повторно може да се најде во опасност, па во 1919 година тајно ги зема моштите и ги пренесува во својата куќа каде што ги чува четири години. Во 1923 ковчегот е однесен во Софија во просториите на Илинденската организација, организација на македонските револуционери – емигранти кои биле следбеници на идеалите за слободна и независна македонска држава. Михаил Чаков, пред да го пренесе во Софија, на ковчегот напишал:„Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица на независна Македонија. Август 1923, Илинден“.

Пренесувањето на коските на Делчев од домот на Михаил Чапов во просториите на Илинденската организација во Софија во 1923 година

Тој завет се остварува од 7 до 11 октомври 1946 година, кога посмртните останки на Делчев од Софија пристигнуваат во главниот град на слободна Македонија. На тргнувањето од Софија (7 октомври), интересен говор, особено од денешен аспект, кога со Бугарија и со Грција преговараме за некои крајно непристојни прашања што не заслужуваат одговор, на свеченото собрание во софискиот Народен театар по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Народна Република Македонија, одржал Тодор Павлов. Павлов (1890-1977) е еден од највлијателните луѓе во Бугарија по Втората светска војна. Родум од Македонија, долги години претседател на Бугарската академија на науките, филозоф, теоретичар, политичар, а бил и регент на Царството Бугарија по капитулацијата во 1944 година. Во долгиот говор, Павлов децидно кажува кој и што бил Гоце Делчев и за што се борел.

Вака пишувале весниците во Бугарија за пренесувањето на посмртните останки на Делчев од Софија во Македонија

 

Немилосрден борец против великобугарските, великосрпските и другите злоупотреби на сметка на македонскиот народ

„За Гоце,  треба да се забележи пред се’ дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против великобугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарскиот монархизам да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династички и класни цели. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до денешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и на Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои сили, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава во мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско… Секако, има голем број сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство“, рекол во говорот Тодор Павлов.

Вечното почивалиште на Гоце Делчев во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје

 

Павлов нагласува и оти Делчев е една од најголемите легенди на македонскиот народ.

„Не малку на Гоце му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ, какви што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев. Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби на сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе да успешно да завршат револуционерните македонско-ослободителни цели. Тоа веќе се случи. Македонскиот народ во последната епска борба против фашистичкиот јарем, овој пат испадна не сам, туку имаше голем број моќни и верни пријатели и сојузници, како моќното југословенско народноослободително движење, предводено од Комунистичка партија и нејзиниот водач Тито…“, истакнал Павлов.

Тито се поклонува пред гробот на Гоце во Скопје

 

Во говорот на свеченото Собрание, тој рекол и оти вториот македонски Илинден во 1944 година ја имал генералната проба во 1903:

„Треба да се рече смело и сега да се нагласи дека ако вториот Илинден заврши толку блескаво, неговата генерална проба од 1903 година, организирана од Гоце и неговите соборци (и покрај измамите и подли пресметки на внатрешните и надворешните врховисти со предвременото кревање на востанието) беше и ќе остане, и во свеста на македонскиот и на сите балкански народи токму како еден од условите за победоносното привршување на вториот Илинден – 11 Октомври 1941 година, кое се доврши на Илинден 1944 година со историското заседание на АСНОМ“.

Гоце Делчев и Тодор Павлов

Обединета, слободна и моќна Македонија ќе стане обединувачка алка на балканските народи

На крајот од долгиот говор, Тодор Павлов зборувал за чинот на пренесувањето на посмртните останки на Делчев од Софија во Скопје.

„Овој чин, чинот на пренесување на коските на Гоце Делчев од нова, слободна, отечественофронтовска Софија во новиот главен град на македонската слободна држава, смело ќе кажам, има големо историско, симболично значење, уште повеќе затоа што на нивниот пат тие ќе поминат и низ Пиринска Македонија. Свеченото и искрено испраќање на светите коски на Гоце, кое новата ОФ Бугарија го организира, исто така претставува голем историски и симболичен чин кој покажува дека во Македонија, во цела Југославија, како и овде во ОФ Бугарија, работите од корен се променија и тоа во смисла главно на довршување и логичен крај на историското дело на Гоце и на сите негови современи и подоцнежни ученици и соборци. Македонија може да биде, треба да биде и, конечно, ќе биде обединета во своите природни историски граници. Така обединета, моќна, слободна, суверена и од секој поглед прогресивна, таа навистина ќе стане моќна обединувачка алка на балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога на која беше предодредена дури и во времето на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев“, нагласил Павлов на крајот од говорот во Народниот театар во Софија.

ЛИКОТ НА ГОЦЕ МУ СЕ ВРЕЖАЛ ЗАСЕКОГАШ ОТКАКО ГО ВИДЕЛ КАКО ДЕТЕ

Тодор Павлов е роден во 1890 година во Ново Село, еден од постарите делови на градот Штип познат по исклучителната револуционерна активност. Родниот град го напушта на 12-годишна возраст. Студира во Софија, каде што и починува во 1977 година. Тој е филозоф, во светски рамки познат како еден од главните застапници на теоријата на одразот, теоретичар, публицист, политичар, Член на ЦК на БКП и на Политбирото, почесен претседател на Сојузот на бугарските писатели, четири години бил професор по дијалектички материјализам во СССР, во Бугарија бил осудуван и затворан пред Втората, од фашистите и во текот на Втората светска војна, а по неа бил одликуван како „Херој на Бугарија“ и „Херој на социјалистичкиот труд“.

Павлов е претседател на Бугарската академија на науките (БАН) од 1947 до 1962 година, а потоа до својата смрт бил нејзин почесен претседател. Интересно е што БАН во минатиот век неколку децении била раководена од штипјани. Освен Павлов, претседтел на БАН, од 1926, па до својата смрт во 1937 година, бил и Љубомир Милетич, исто така по потекло од Штип.

Како еден од тројцата регенти на Царството, кои, всушност раководеле со Бугарија од 1944 до 1946 година, по бугарската капитулација преговарал за вклучување на една бугарска армија во завршните борби за целосно ослободување на Македонија, а потоа да продолжи и на север. Од другата страна на преговарачката маса биле Михаило Апостолски, командант на главниот штаб на НОВ и ПОМ, прв сосед на Павлов од штипско Ново Село, и Емануел Чучков, исто така близок сосед на Павлов од Штип. Куќите на Апостолски и на Павлов, која сега е во лоша состојба, се оддалечени една од друга само десетина метри и ги дели само една тесна уличка.

Интересно е што Тодор Павлов во говорот во софискиот Народен театар на 7 октомври 1946 година рекол и дека од мал некако му се врежал во главата ликот на Гоце Делчев, но не се сеќавал каде точно го видел. Кога Павлов бил на возраст од пет-шест години, Делчев (од 1894 до 1896 година) бил учител во училиштето во штипско Ново Село, кое е на стотина метри од куќата на Павлов.

Куќата во штипско Ново Село во која како дете живеел Тодор Павлов