ММС

МАКЕДОНСКИОТ ГУТЕНБЕРГ: Јаков, првиот македонски печатар, на денешен ден во 1566 ја отпечатил првата книга  

Книгата „Часослов“ со 563 страници била отпечатена во Венеција на 30 август 1566 година, во печатницата на црногорскиот војвода и културен деец Божидар Вуковиќ, која Јаков од Камена Река веројатно ја имал изнајмено, откако излегол од, како што пишува, Македонија, неговата татковина

Пишува: Љупчо Шатевски

„Јас, Јаков, од родното ми место наречено Камена Река во полите на Осоговските Планини, излегов од Македонија, мојата татковина, дојдов во градот Венеција и почнав да ја работам оваа книга на 15 мај 1566 година, а ја завршив на 30 август во истата година“. Вака, меѓу другото, напишал во поговорот на својата прва печатена книга „Часослов“ првиот македонски печатар Јаков од Камена Река, топоним во Осоговијата, во близина на Македонска Каменица, каде што веројатно била една од локациите на денешното петилјадно рударско гратче. Раскошната за тоа време книга Јаков, како што пишува, ја печати во 1566 година, 111 години по печатењето на Бибилјата од страна на Германецот Јохан Гутенберг, пронаоѓачот на техниката за печатење со подвижен слог, со што и Македонците се вбројуваат меѓу народите што меѓу првите го прифатиле револуционерното откритие на Гутенберг.

„Часословот“

„Часословот“ значаен и од културно-историски аспект                                 

Македонскиот Гутенберг во тие тешки години за Македонија, кога згаснала секаква издавачка дејност, кога била замрена и богатата дејност на црквите и манастирите, го донел првиот проблесок на европската култура, надградувајќи ја на нашата претходна богата книжевна традиција. „Часословот“ е црковно-религиозна книга, напишана на старословенски јазик, која некогаш се користела за црковни обреди и молитви, но, според нашите научници, е исклучително значајна и од културно-историски аспект, а Јаков македонската култура и духовно творештво ги вметнал во европските текови. За Јаков се знае многу малку и, за жал, за него ретко кој слушнал во Македонија.

Во Македонска Каменица, пак, на него потсетуваат две работи – улицата што се вика Јаков и големата табла на локалното јавно комунално претпријатие „Камена Река“, на која, покрај името на фирмата, пишува и „Јаков од Камена Река“, а има и слика што илустрира стар печатар, зашто досега не е пронајден некаков цртеж со ликот на Јаков. Од локалната самоуправа на Македонска Каменица велат дека порано имале и ракометен клуб „Јаков“, кој сега е згаснат. Пред неколку години во Венеција беше каменичанецот Миран Митревски, а потоа објави книга за Јаков.

Големата табла на влезот на ЈКП „Камена Река“

Всушност, најмногу податоци за себе, кои нудат основа за натамошни истражувања, си оставил самиот Јаков во поговорот на „Часословот“. Еден примерок од книгата се чува во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, еден бил пронајден во 1968 година во куќа во Струга, каде што книгата се чувала како семејна реликвија од колено на колено. Се претпоставува дека можеби ја има и во други домашни библиотеки, но луѓето веројатно не знаат со што располагаат.

„Часосоловот“ има 563 страници, печатен е на формат 14,5 по 9,5 сантиметри, секоја полна страница има 22 реда, илустрирана со цртежи и орнаменти што Јаков ги правел сам. Текстуалниот дел бил збогатен со 47 знаменца и вињети и со 31 илуминација – отпечатоци од оригинални дрворези. Од техничка и уметничка страна, тоа било една од најбогатите отпечатени книги во таа печатница, а брзото печатење за тоа време на книгата, за три и пол месеци, укажувало дека Јаков имал солидни познавања за печатарството.

Академик Харалампие Поленаковиќ пред педесетина години запишал дека „работата на Јаков, првиот печатар-Македонец, се развивала во Венеција, во печатницата на Божидар Вуковиќ, со која изгледа некое време раководел“. Д-р Михајло Георгиевски подоцна пишува дека Јаков ја изнајмил, а можеби и ја купил од синот на Божидар, Виценцо.

Во Венеција заминал со солидна техничка култура

Според скромните историски сознанија, Јаков дошол во Венеција во 1565 година, по долго и тешко патување. Црногорскиот војвода и културен деец Божидар Вуковиќ веројатно ја отворил печатницата во 1519 година, откако претходно, по освојувањето на Црна Гора од Турците, заедно со симнатиот црногорски владетел Ѓураѓ Црноевиќ, ја напуштиле родната замја и дошле во Венеција. Во печатницата Божидар отпечатил повеќе богослужбени книги. Во 1540 година тој починал, а печатницата ја наследил неговиот син Виценцо. Но, работата му тргнала лошо и препечатил само неколку книги од татко му. Јаков во поговорот запишал дека во печатницата нашол стари и одамна неупотребувани калапи. Подоцна работата тргнала, а книги од таа печатница се носеле во ретките книжарници на Балканот, меѓу кои и во Скопје, во книжарницата на Кара Трифун.

Се смета дека Јаков во Венеција отишол со солидна техничка култура стекната овде, најмногу од германското рударско племе Саси, кои во неговиот роден крај дошле уште во 13. век да го раздвижат тогаш подзамреното рударство. Од нив му останало и името на денешното каменичко село Саса, каде што е и денешниот истоимен рудник за олово и цинк. Се претпоставува дека и името на селото Калиманци е останато од другото германско племе Алимани, кое на овие простори се задржало пократко, за разлика од Сасите, кои останале до 17. век.. Д-р Михајло Георгиевски, кој потекнува токму од тој крај, од винички Блатец, извршил и теренско истражување за влијанието на Сасите и нивната напредна техничка култура врз населението во тој дел на Македонија.

Предизвик за истражување на ликот и делото на Јаков можеби може да бидат и записите на сопствениците на печатницата во Венеција во која работел тој. Во поговорот на „Молитвеник“ од 1520 година, Божидар Вуковиќ напишал дека во Венеција дошол од „землје Диоклитије еже јест в пределех македонских от града нарицајемаго Подгорица“. Неговиот син Виценцо, пак, прогласот до високи црковни достоинственици и владари на балканските христијански земји, отпечатен во 1546 година во Псалтир, го упатил до „благочестиним Мацедоние, Шервие, Босне, Сримске земје и осталим кнезом христијанских…“

            „ИЗЛЕГОВ ОД МАКЕДОНИЈА, МОЈАТА ТАТКОВИНА“

„Со мислата на големиот Бог Господ наш Исус Христос за ова пишување јас, недостојниот и најмал меѓу луѓето, именуван Јаков, се трудев подолго време и години за ова дело како света книга. Излегов од Македонија, од мојата татковина и дојдов во западните страни близу стариот Рим, во градот Венеција и таму наидов на стари калапи од Божидар војвода и неговиот син Виценцо од многу време неупотребувани и почнав да ја пишувам оваа мала книга „Часосовец“ преку цела година, од септември до август. Јас, Јаков, од родно ми место што се наоѓа во полите на Осоговските Планини близу до Калајскиот град (Ќустендил, според некои историчари, но може да е и доцноантичкиот град Калата или Градот на калајот, чии остатоци при изградбата на акумулацијата Калиманци останаа под вода и на денешното островче Калата во езерото, на неколку километри од Македонска Каменица – н.з.), од местото наречено Камена Река, од свештеничко племе познато во тој крај од дамнешни времиња. Почнав да ја пишувам оваа книга во 7074 (1566 година) во мај петаесетти ден, а ја завршив во август триесеттиот ден во велелепниот град Венеција“, запишал Јаков од Камена Река во поговорот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.