ММС

ШТИПЈАНЕЦОТ ОД ХАРКОВ: Сергеј Михајлов, човекот кој на 29 август 1925 ја постави првата опера во Македонија   

Иако роден во богато руско аристократско семејство, а завршил и многу високи цивилни и воени школи, животот многу не го милувал Сергеј Михајлов (1885-1975), па, по граѓанската војна во Русија, судбината го носи во Македонија и во неа, во Штип, останува половина век, до својата смрт, при што остава неизбришлива трага, со првата опера поставена во Македонија пред точно 95 години – „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, со уште десетина опери и оперети по неа, со отворањето на Музичкото училиште во Штип, на кое со тестамент му ги остава целиот свој имот и сите свои заштеди, а кон крајот на својот живот напишал и мемоари, кои неодамна од ракопис беа отпечатени во книга                                           

Пишува: Љупчо Шатевски

Убава августовска вечер, полна сала на тогашниот Офицерски дом (денес реконструиран објект на штипскиот Дом на млади), со претходно распродадени билети по цена од 50, 30 и од 15 тогашни динари, на сцената петмина актери, а од таа вечер и оперски пејачи, како и градскиот хор „Единство“. Тоа бил амбиентот во кој пред точно 95 години, на 29 август 1925, била изведена првата опера во Штип, а и во Македонија – „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало. Операта била поставена под диригентство и во клавирска придружба на легендарниот Русин Сергеј Михајлов, а во режија на Душан Будимировиќ, кој тогаш живеел и работел во Штип, а имал студирано драматургија во Берлин.

Реконструираниот објект на денешниот Дом на млади, некогашен Офицерски дом, во кој пред 95 години е одиграна првата опера во Македонија

Од Харков, преку Цариград и Галиполе, до Гевгелија и Штип

И покрај сите неволји – во Кралството на СХС Македонија, македонската нација и јазик не биле признаени, театарскиот живот во Штип тие години бил во подем. Но, Будимировиќ и штипјанецот Славко Нетков не мирувале. Кога се запознале со Сергеј Михајлов, кој во Македонија првин во 1921 година дошол во Гевгелија, и го осознале неговиот голем музички потенцијал, веднаш го поканиле да се пресели во Штип. Тоа и се случило. Михајлов дошол во Штип во февруари 1924 година и во него останал се` до својата смрт, притоа оставајќи неизбришлив печат во музичкиот живот во Штип и во Македонија. Една од петте улоги во „Палјачи“ толкувал Андреј Шчербаков (Канио), исто така, како и Сегеј Михајлов, емигрант од Советскиот Сојуз, а другите четири ги играле штипјани – Благородна Бурева (Неда), Ристо Ѓурѓичков (Тонио), Славко Нетков (Силвио) и Глигорие Ќурчиски (Арлекин). Сите биле многу талентирани актери и пејачи и сите имале високо образование – Бурева и Нетков филолошки, Ѓурѓичков филозофски факултет, а Ќурчиски бил лекар.

Целата екипа и фрагмент од „Палјачи“ од 29 август 1925

Операта „Палјачи“ била регистрирана како 201. претстава на тогашниот штипски театар и како прва опера, која во Штип имала и три репризи. За неа информирал и тогашниот печат во Кралството, како за прва оперска претстава во Штип и во цела „Јужна Србија“. Како подготовка и „загревање“ за „Палјачи“, во 1924 во Штип првин била поставена оперетата „Ружица“ од Сергеј Михајлов. По „Палјачи“, во следните десетина години во Штип биле поставени уште десетина опери и оперети, како „Фауст“, „Севилскиот бербер“, „Мамзел Нитуш““, „Гејша“… Списокот на актери и пејачи се проширувал, а со дел од претставите се гостувало и во соседните градови.

Од една од изведбите на „Мамзел Нитуш“

„Палјачи“ поставена 22 години пред првата опера одиграна во слободна Македонија                                                           

– Тоа бил голем чекор за развојот на музичкиот живот кај нас. Секако, „Палјачи“ во Штип била работена ентузијастички, без откестар, туку само со клавирска придружба, но тоа се случувало 22 години пред првата повоена изведба на опера во слободна Македонија – на 9 мај 1947 година, кога во Скопје била одиграна „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи. Големи се заслугите на Сергеј Михајлов и на тие ентузијасти од пред 95 години што во Штип денес имаме нижо и средно музичко училиште, Музичка академија, што многу штипјани направија врвни музички кариери во светот – истакнува музикологот Димитар Митевски.

Музичкото училиште во Штип од пред една петанесетина години го носи името на Сергеј Михајлов, кој за развојот на музичкото и културното творештво во Македонија во 1969 ја има добиено и државната награда „Климент Охридски“. Во чест на Сергеј Михајлов, на ентузијастите,  на пионерите од првата македонска опера, пред 15 години, во пресрет на 80-годишнината од нејзиното поставување, македонската Опера во Домот на културата во Штип настапи токму со „Палјачи“ од Леонкавало. Пред две години, на 29 август, на фасадата на Домот на младите во Штип, објектот каде што беше поставена првата опера во Македонија, беше поставена спомен-плоча да потсетува на тој настан.

Поставената спомен-плоча и концертот на летната сцена во Домот на младите на 29 август пред две години

Главен лик во сите тие настани поврзани со првата опера, со развојот на музичкиот живот, отворањето на нижото и средното музичко училиште во Штип, е Сергеј Михајлов (1885, Харков, Украина – 1975, Штип, Македонија), човекот, кој, освен богатото творештво, и сиот свој имот и сите свои заштеди со тестамент ги остави на Штип, на Музичкото училиште. Во последните години од својот живот тој напишал и мемоари, кои беа во ракопис и малку познати, а пред две години се објавени во постхумно објавената книга на хроничарот Кирил Петров „Серегеј Н. Михајлов (мемоари 1885…до?)“.

Скоро неверојатно е што тој човек, Сергеј Михајлов, поминал во својот живот. Од безгрижното детство во богато и угледно руско аристократско семејство, завршените високи цивилни и воени школи, паралелно со континуираното музичко образование, кое го добивал приватно во својот дом од афирмирани музичари, преку граѓанската војна во Русија и прогонот, до годините поминати во Македонија и во Штип, каде што му починува сопругата и останува сам.

Што пишува Сергеј во мемоарите

„Роден сум во 1885 година во Харков, тогаш јужна Русија. Градот тогаш имаше 600.000 жители, силно развиена трговија, банкарство, пет високи школи, како и четири театри, повеќе музеи, библиотеки… Мојот татко, роден во Москва, беше акционер и функционер во неколку банки и кредитни заводи, а мајка ми Шарлота Каролина Августа беше ќерка на скромен земјопоседник. Во градот имавме голема куќа, со простории и за послуга. Јас, брат ми и сестра ми имавме тутори, воспитувачи, учители по математика, цртање, за клавир, кој го учев од седмата година со познатата Елеонора Лесевицка, која подоцна отвори своја академија. Секоја година од мај до септември нашата фамилија се селеше на имотот од 170 хектари на 15 километри на Харков. Таму имавме три куќи за живеење, стопански згради, орнжерии и коњушници“, пишува Сергеј Михајлов во своите мемоари.

Сепак, неволјите го зафатиле многу млад. Мајка му починала кога имал пет години, по три години и сестра му, а татко му починал кога Сергеј имал 14 години, па за него и неговиот помал брат, како и за имотот на семејството, се грижеле нивна братучетка со нејзиниот сопруг и еден пријател на татко им. Подоцна се оженил со Вера Григоријенко, ќерка на претседател на губернија во соседната Курска област. Мирно живееле до 1914 година, кога почнале војните. Војувал во во нив и тој, па дошла и граѓанската војна во Русија, а со тоа потоа и голготата.

Со сопругата, со малку злато и нешто пари во војничка торба, првин патот, заедно со многу други, ги одвел во Цариград, па во Галиполе. Сергеј таму бил распореден да замине во Кралството на СХС, во граничната воена служба. Преку Солун, стигнале во Гевгелија… Во Гевгелија добил две писма со понуди за работа – едната одлично платена во Адис Абеба, Етиопија, а втората, уште попримамлива, да биде директор на Операта во главниот град на Парагвај, Асунсион. Сепак, тој и сопругата не биле подготвени за нов долг пат и се определиле да останат во Македонија. Во Гевгелија и кратко во Кавадарци оставил одличен впечаток. Воената служба, поради високите квалификации, брзо ја заменил со цивилна. Освен музика, во гевгелиската гимназија предавал и математика. Ја поставил првата детска оперета „Руженка“.

„По големиот успех на нашата оперета во Гевгелија, со неа гостувавме во Штип во 1923 година. Тргнавме со целиот инвентар. До Велес со возот, а од Велес до Штип со камиони, оти пругата кон Штип и Кочани беше во изградба. Резултатот од приредбата беше – да бидам преместен на работа во штипската гимназија. Разделбата со Гевгелија ми беше незаборавна. На станицата дојдоа да ме испратат сите наставници и целиот мој градски оркестар, кој свиреше се’ до тргнувањето на возот. Со ова, како што јас сметам, почнува највжниот период од мојот живот“, запишал, меѓу другото, во мемоарите Сергеј Михајлов, штипјанецот од Харков.

Годинава навршуваат 135 години од раѓањето и 45 години од смртта на Сергеј Михајлов, чие вечно почивалиште е на Градските гробишта во Штип

 

ТАЖЕН КРАЈ НА ПРВАТА МАКЕДОНСКА ОПЕРСКА ПЕВИЦА

По „Палјачи“, во Штип, а се гостувало и во соседните градови, биле одиграни уште десетина опери и оперети. Спискокот на пејачи и актери се проширувал. Но, потоа дошле потешки денови. Во 1927 година во Штип во атентат бил убиен генералот Михајло Ковачевиќ, па била воведена вонредна состојба и властите извршиле низа репресии, а сето тоа се одразило и на културниот живот, па многумина дејци ги прекинале кариерите.

Благородна Бурева, првата македонска оперска певица, која ја одиграла главната женска улога во „Палјачи“ во 1925 година, била изворедно талентирана актерка, пејачка, а одлично свирела и гитара. Била единствено дете на свештеникот Глигор и учителката Зуица Буреви од Штип, па ги имала сите услови да се стекне со високо образование и да го развие својот талент за актерство и пеење. И кога заминала од Штип, понекогаш се враќала само да одигра по некоја главна улога во оперите или оперетите што биле поставувани по „Палјачи“. Но, нејзиниот живот, по двата неуспешни брака и болестите, имал тажен крај.

Благородна Бурева

– Благородна прво се омажила со познат оперски пејач во Виенската опера. Направиле голема свадба. Кога со сопругот заминувала, на Железничката станица во Штип немало каде да падне игла од многуте штипјани што дошле да ја испратат. Но, со заминувањето завршил и нејзиниот среќен живот. Бракот им траел кратко. Се вратила тешко болна и долго потоа се лекувала во Скопје и во Белград. Во 1936 година се омажила со многу помлад  Црногорец, кој бил  висок црковен службеник во Штип. Заминале во Белград, каде што, кога Благородна навлегла во зрели години, Црногорецот ја напуштил. Осамена и болна, починала на 6 ноември 1977 година. Во капелата на белградските гробишта, пред да пристигнат нејзините неколкумина први братучеди од Штип, покрај нејзиниот ковчег долго стоеле само нејзините некогаш штипски, а потоа белградски сограѓани, Киро Глигоров, кој тогаш бил претседател на Собранието на СФРЈ, и неговата сопруга Нада Глигорова – раскажува хроничарката Елена Јосимовска.