ММС

Живееме во свет на лажна слобода и лажна безбедност – Со психологот Розалија Секулоска за реакцијата на луѓето на новото нормално

Додека расте бројот на заразени со коронавирусот останува препораката за носење на маска и држење социјална дистанца. Иако бројот на активни случаи е поголем од вкупниот што го очекуваа надлежните, дел од граѓаните одбиваат да носат маски. Што се крие зад ваквата одбивност е темата на која разговаравме со Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија и психотерапевт. Во разговорот го инициравме и прашањето за последиците по детското ментално здравје од новото „нормално“ изведување на наставата.

Како психолог како гледате на одлуката на граѓаните да не носат маска, иако со таа постапка може да го загрозат и сопственото и здравјето на тие околу нив? Дали се работи за скептицизам, неедуцираност, негрижа или нешто друго?

Ова прашање може да се погледне низ разни аспекти, но мислам дека најдобар одговор би се добил ако се реализира анкета со која токму таа група на луѓе ќе се праша зошто не ги почитуваат препораките на СЗО. Како мр психолог/сов.психотерапевт, можам да кажам дека една од причините може да биде неинформираноста и неверувањето за сериозноста на болста и последиците. Втора можна причина е неверување во она што го пласираат медиумите или верба дека постои некоја повисока сила која ги штити. Со аспектот на неверување во медиумите, влегуваме во хипотезите на заговор кои исто така кружат на медиумите. Обврската да се носат маски и да се биде на физичка дистанца од најмалку 2 метри е создавање на една нова форма на комуникација која нѐ подготвува за нешто пострашно кое допрва ќе следи. Но, пак ќе речам ова е само хипотеза.

Со растот на температурите, носењето на маските сепак станува особено неудобно. Што да направиме за да го намалиме чувството на неудобност, дали може тоа да се постигне преку некакво насочување на мислите?

Навистина носењето на маски понекогаш е тешко. Најмноу пати респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Маската го отежнува нормалното дишење и потребно е да се активираат повеќе мускули и да се вложи поголем напор за да се внесе онолку воздух колку му е потребен на организмот. Жешкото време и високите температури уште повеќе го отежнуваат процесот на дишење. Токму затоа, доколку е возможно избегнувајте излегување во најтоплиот период од денот.

Кога се движите одете, чекорете побавно за да физички не го оптеретувате организмот кој ќе дојде во состојба на глад за воздух и одете под сенка. Со себе носете шише со вода за пиење и за разладување. Освен физичкото неоптеретување, се разбира дека менување на фокусот на внимание може колку толку да ја олесни ситуацијата. Тоа не значи постојано свртување кон паметните телефони, туку фокусирање на она што има и што се случува во околината. Проширување на видикот, разгледување на просторот едноставно да се биде тука и сега. Друг механизам е дефокусирање, односно размислување на нешто сосема друго, минатото, …идните планови, смешни случки и слично. Оние кои страдаат од анксиозност и панични напади во овие ситуации може уште повеќе да ги чувствуваат симптомите на гушење, но за тоа е потребен друг вид на психотерапија.

Како најсоодветно да им се објасни на децата сериозноста на ситуацијата со пандемијата, со цел тие самите да ги почитуваат препораките?

Помладите деца кои се до родителите можеби можат директно да се контролираат со родителското присуство како и со одбирање и редуцирање на контактите. Но, тинејџерите се нешто сосема друго. Нивната потреба да излегуваат надвор и да имаат многу социјални контакти е очекувана и потребна за овој развоен период. Од друга страна КОВИДОТ тоа го оневозможува. Во оваа амбивалентна ситуација е навистина тешко како да ги задоволиме и двете страни! Со цел да  го заштитиме личното здравје, но и на другите, потребно е самиот тинејџер да увиди што значи овој вирус и какви последици остава. Постојаното родителско зборување и повторување на истата содржина може да влее отпор и несериозност, а со тоа да биде непродуктивен или контрапродуктивен. Токму затоа гледањето на поучно медицинско видео, обраќање од стручно медицинско лице или еден искрен и детален родителски разговор за оваа пандемија, може да биде кажана во вистинско време (кога тинејџерот е во ситуација на примање) и на вистински начин (кратко, јасно и поучно).

Кога се во прашање децата, родителите веќе почнаа дебати на социјалните мрежи за тоа дали од септември треба да се вратат во училишните клупи. Доколку учебната година почне со некои посебни протоколи во училиштата или надлежните одлучат наставата да се изведува електронски, какви би можело тоа да се одрази врз детското ментално здравје? Едноставно, што би можеле родителите да направат за да им го олеснат новото нормално?

Родителот е моќна фигура во животот на своето дете, тинејџер или адолесцент. Но, сепак за ова јас како стручно лице и како родител би ги повикала надлежните институции да размислат од свој аспект како го замислуваат воспитно-образовниот систем во новонастанатите услови. Родителот е тука колку може и знае да му го олесни овој процес на своето дете, но сепак главната образовна улога ја имаат наставниците и професорите кои ќе работат онака како ќе им се наметне од надлежните над нив. Доколку образованието се реализира онлајн или ќе биде комбинација од онлјан и во живо со скратени часови, одење во смени, помал број на ученици во одделение и слично, потребно е надлежните органи добро да го оспособат наставниот кадар за онлајн настава како и да бидат отворени за мислењето на сите оние кои се директно вклучени во ова (наставниот кадар, децата и родителите), кои би можеле да им ги соопштат предизвиците со кои се сретнуваат за да можат навреме и соодветно да дејствуваат.

Мислам дека врз менталното здравје не мора да има големи последици, бидејќи онлајн учењето одамна постои и така се завршуваат многу курсеви па дури и студии во странските земји. Мене повеќе ме загрижува социо-емоционалниот развој. На овој начин, децата и сите ние ќе доживееме нешто ново кое до сега никој не го доживеал. Тоа е оттуѓеноста.

Човештвото во инстинктот ја има потребата да комуницира во живо и да реализира физички контакт (допир, гушкање,..). Така ги поќажува сите емоции и така прима и дава. Да ја почувствува на своја кожа, во живо вербалната и невербалната комуникација кои се услов за емоционална интелигенција и интуиција, кои се нешто природно и се потребни за опстанок. Когнитивните пропусти ќе се надополнат со документарни серии, емисии, енциклопедии, размена на искуства пак преку онлајн платформите или со најблиските, но изворот за контакт ќе биде сведен на минимум. Кога зборувам за контакт мислам на мигот дека ќе се создаде нова генерација на ученици кои нема да го почувствуваат она што значи да седнат во клупа, да станат кога влегува наставникот, да препишуваат од другарчето, да ги носат тешките ранци, да се бираат во живо кој со кого сака да се дружи…многу нешта можат да исчезнат, сѐ само за да преживее човештвото. Но јас самата се прашувам како ќе изгледа тој поредок? Ако едно нешто исчезнува, што е тоа другото што ќе се создава?

Кое е Вашето мислење во однос на образовниот процес од аспект на мајка и како го организирате секојдневието со Вашето дете во вакви невообичаени околности со цел да се намали стресот?

Сведоци сме дека веќе долго време живееме под стрес. Вплеткана ни е најстрашната мисла на когнитивно ниво, а тоа е страв од смртта! Моја препорака е да се сведе гледањето на вести и читањето на вознемирувачка соддржина на минимум. Времето да се исполни со она што нѐ прави среќни и во вистинска смила да почнеме да се смееме. Знаеме сите дека смеењето е половина здравје. Да гледаме лесни, комични филмови, да слушаме музика, да поминуваме време во цртање, творење, спортување (внатре или надвор) и да се свртиме кон природата. Да другаруваме со најблиските, но се разбира со маски и на дистанца. Ова е учење кое училиштето не може да го подари сега, а ние од друга страна можеме да го олесниме образвониот процес на овој начин но и  спонтано, преку неформално учење. Тоа значи во миговите со децата наместо да зборуваме за нешто бесцелно или да молчиме, можеме опкружувањето да го искористиме за да ја објасниме математиката, јазиците, физиката, хемијата, општествените науки и најмногу од сѐ да се врземе здраво со детето за да ја задоволиме потребата за безбедност и блискот.

И во време на пандемија, продолжувате со психолошката поддршка на волонтерска основа за онколошките пациенти. Како сега изгледаат вашите средби, какви се нивните грижи во моментов со оглед на тоа дека спаѓаат во ризичната група?

Сега средбите се реализираат онлајн. Мојата поддршка како советник психотерапевт е навистина голема и на вистински начин, бидејќи фидбекот кој го добивам ми кажува дека сум на правиот пат. Како и сите и оваа ранлива категорија ги трпи последиците од КОВИДОТ, кој уште повеќе психолошки ги стресува и вознемирува од една страна, а од друга страна им го комплицира начинот на добивање на здравствените услуги. Но, ете и тоа е нов предизвик со кој заедно растеме, се справуваме и го надминуваме во рамките на можностите.

Кој е Вашиот совет – каква поука треба да излечеме од целата оваа ситуација во која излегуваме од комфор зоната, а сепак бараме начин да ни биде удобно?

Навистина е тешко. Нешто што сме го викале живот, одеднаш преку ноќ бара огромна промена. Живееме во свет на лажна слобода и лажна безбедност. Сите овие состојби негативно се манифестираат врз сите луѓе, а од друга страна од нас се бара да живееме со тоа, да работиме и да го прифатиме. Навистина е тешко. Не е невозможно, но има свој данок по психолошкото здравје. Чувството на немоќ е силно, бидејќи не можеме да игнорираме ниту да потиснеме, а најмалку за брзо време да го решиме овој глобален хаос.

Еве јас што правам, па можеби нешто ќе примените од тоа. Го живеам животот онолку колку што можам како и порано. Одам на работа, создавам, се движам, контактирам, работам, дејствувам…но во потребните ситуации носам маска и сум внимателна. Гледам поретко вести само за да знам што се случува со бројот на болните и починатите. Непријатните вести ги држам подалеку од мене за да бидам стабилна и продуктивна во секој поглед. Читам книги, вежбам јога, се дружам со едни исти луѓе кои исто така не се мешаат со секого од превентивни причини. Оставам  времето да покаже што ќе биде!

Пак ќе речам, сите да се освестиме дека нешто ќе загубиме, но не знаеме што ќе добиеме? Што ќе се бара од нас за да се адаптираме со цел да опстои човештвото во некој нов свет!

 

Вања Мицевска