Во денешното издание на емисијата Стадион гостин е д-р Сашко Кедев, познат кардиохирург и планинар, кој ги има искачено 14-те најголеми врвови на планетата. Тој во гостувањето се присети на еден инцидент, кој првично го повредил, меѓутоа му го спасил животот и направи компарација дека тоа ни се случува и во животот, но и во државата – удари кои не болат, но треба да не научат дека треба нешто да промениме:
- На симнувањето (од Еверест), на неколку пати заспивав и се сеќавам кога се симнувавме од јужниот врв надолу, имав удар од парче мраз, во вратот и тоа ме расони. Прво многу ме заболе, меѓутоа ме расони. Тоа во зен филозофијата е како некој шамар да ти удри, мајсторите на зен ги удираат така своите следбеници за да ги освестат. И всушност во животот многу често треба да добиеме удар, не мора да е физички удар, да добиеме удар од природата и тоа е освестување. Ете и во државата наша, на нас ни случува многу пати да не удри нешто и да сфатиме дека нешто треба историски да се смени. Тоа исто се случува и на големите планини, тие се рефлексија, вели Кедев.
Д-р Кедев вели дека планините од Зоната на смртта (планини повисоки од 8 илјади метри) го научиле и дека главниот проблем кај луѓето, во природата, но и во општеството, е што погледот постојано им е свртен кон другите, а не кон себе и дека секој е повеќе спремен да ги критикува другите, да ги бара нивните доблести, материјални достигнувања и маани, отколку да се сврти кон себе и промената да ја започне од себе:
- Суштината е да се справиме со нас. Суштината, после овие искуства повеќе годишни, од Зоната на смртта, јас сум сфатил дека суштината е секој да расчисти со себе. Да се запознае себеси, да погледне внатре, бидејќи главниот проблем, не само кај нас, ние сме многу мали, како држава, како народ, ние сме капка во морето, меѓутоа глобално во човештвото проблемот е што на над 99,9% од луѓето погледот им е свртен кон надвор, кон тие околу нас. Луѓето многу често го живеат животот на другите, гледаат кон другите, се усмерени кон некои цели кои што се надвор од нас, тоа се пред се материјалните цели, најчесто. Меѓутоа, тука е и желбата за моќ, влијание, а поентата што сум ја сфатил до сега, е дека најпрво треба да погледнеме внатре и да се најдеме себеси. Бидејќи вистинската убавина е во нас. И ние „спиеме“ и не сфаќаме дека си го загорчуваме животот со нашиот поглед надвор, додава Кедев.
Целата емисија Стадион, насловена како „Врвот на светот“ можете да ја проследите на линкот: