Тројцата мажи кои беа пронајдени мртви во куќа во предградие во градот Санта Круз во Боливија, биле мачени, а потоа застрелани , покажа обдукцијата.
Обдукцијата утврди дека една од жртвите починала од прострелна рана во главата. Другите две починале како резултат на повеќекратни повреди на главата и повеќекратни повреди предизвикани од удар со тап предмет, повреди што укажуваат на тортура, соопшти обвинителот назначен за истрагата, Херланд Родригез.
Регионалните медиуми објавија дека се работи за 43-годишниот Дејанчо Лазаревски од Струмица, познат под прекарот „Македонец“ и двајца српски државјани – Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш, познат како „Итри“, и уште едно лице, чии податоци сè уште не се потврдени, но се сомнева дека користел фалсификувани документи.
Истрагата, како што пишуваат боливиските медиуми, води кон тоа дека камионот-ладилник изнајмен за транспорт на телата доцнел , што им овозможило на властите да го откријат злосторството.
Според полицискиот извештај, телата биле пронајдени натопени во белило и спакувани за транспорт.
Бруталноста со која е извршено злосторството ја наведува полицијата да се сомнева дека станува збор за пресметка, веројатно поврзана со транснационални нелегални активности, иако засега не е исклучена ниедна теорија.
Како што веќе објавивме, телата на тројцата мажи беа пронајдени завиткани во црни пластични кеси. Боливиските истражители се сомневаат дека биле мачени пред да бидат застрелани до смрт, што укажува на судир во круговите на организираниот криминал. Првичните извештаи сугерираат дека трите жртви долго време биле во Боливија и имале врски со таканаречениот „Балкански картел“, мрежа што контролира делови од шверцот на кокаин од Јужна Америка до Европа.