На фејсбук се шири видео во кое полицијата во Демир Хисар вчера вечерта извршила претрес во домот и возилото на Маја Лозановска, директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“.
По претресот на објектите полицијата бара Лозановска, која е на боледување, да биде приведена. Затоа за време на претресот била повикана Брза помош,а по интервенција на екипата константирано е дека Лозановска има висок крвен притисок.
-Состојбата не е животозагрозувачка, но има притисок од 160/100, велат од Брза помош, се слуша во видеото.
Но, и покрај тоа началникот на полицијата инсистира таа биде приведена, односно однесена во полициската станица на информативен разговор, па, како што вели тој, ако треба на носилки.
Во видеото адвокатот на Лозановска вели дека поканата за информативен разговор важи 15 дена и дека таа е на боледување до вторник, што значи дека тогш ќе се појават во полиција.
Од ОЈО Битола велат дека постапката за издавање на наредбата за претрес била целосно запазена. Тие додаваат дека извршувањето на наредбата е во надлежност на полицијата, но велат дека обвинителството не издало наредба за приведување или за итен распит на лицето. Претресот бил поради сомневање за кривично дело Фалсификување и уништување деловни книги.
-Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај, се вели во соопштението од ОЈО Битола..
ММС контактираше и со директорката Маја Лозановска, која објасни за што, како што вели, се случувал циркусот вчера вечерта.
-Имам проблеми со грбот и сум на боледување. А циркусот што се случуваше вчера во мојот дом иако и јас сум на боледување и чувам болна мајка е да ги дадам печатите, бидејќи клучот е кај мене, а на нив им се брза, денес ќе ги распишат изборите. Како што може да се види бараа на носилки да ме носат во станица и да кажам каде се печатите. А што ќе прават со нив толку доцна? Од пред нашата куќа циркусот продолжил во училиштето. В.Д. директорката заедно со полицијата тргнале ноќеска во потрага по печатите. Ја обиле и мојата канцеларија, вели Лозановска за ММС и додава дека додека е таа директор ова не е прв циркус.
– За овие години навикната сум на вакви работи, не е прв пат, туку трет обид на градоначалникот да ме разрешува незаконски. Уште во 2022 ме разреши незаконски, но потоа и двата пати јас го добив предметот на второстепена, па сакаше- не сакаше мораше да ме врати. Токму поради тоа и му беа одземени ингеренциите , па за директор ме назначи министерот за образование. Постојано сум под силни притисоци,сите инспекции што постојат ми ги пратија. Ама се е џабе, не можат да најдат бидејќи работам чесно, рече Лозановска за ММС.
Таа рече и дека сета оваа незакнска хајка за неа, како што е со влошено здравје, е многу голем стрес.
-И тоа како е стрес за мене. Полицијата повика Брза помош, на јас. Со оглед на тоа што ми беше висок протисокот, значи дека сум под стрес. Јас имам боледување од неврохирург, не од матична. Сакаа да ме притиснат во станица. Јас лежам, мајка ми неподвижна до мене лежи, која има и деменција, и тој се расправа со мене во соба. Нула човечштина во нив. Јас не сум криминалец, туку директор, кој има овластување да ги чува печатите, бидејќи немам секретар. Тој е во пензија и градоначалникот не ми дозволува да вработам но, и имам обврска да ги носам печатите. И така секоја година има се помалку и помалку деца, а и приофесори, па нема кој да предава. Тоа е поголем проблем. А за што да се тепаме? Немам незаконско работење, а па да имав малверзации до сега знаеш ли што ќе се случеше, рече таа за ММС.
Лозановска најави дека за ова е тужи.
-Ќе поднесеме кривична за секое нелегално дело, за стрес ама за се. За законските постапки нема да простам па нека се покажат институциите, ако ги имаме. Членувањето во партија, во било која партија не треба да биде проблем ако си професионаец. Ама таквите кадри на градоначалникот му пречат, не сака професионалци, вели Лозановска за крај.