Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) упати јасен повик до Владата и работодавците за итно зголемување на минималната плата, предупредувајќи дека голем дел од новинарите и медиумските работници денес преживуваат со минималец.
„Почитувањето на достоинството на новинарите е директно поврзано со зачувувањето на медиумската слобода и заштитата на јавниот интерес“, порачаа од ССНМ, додавајќи дека актуелната висина на минималната плата не обезбедува пристоен живот и ја поткопува професионалноста и мотивацијата во медиумскиот сектор.
Синдикатот го нагласува фактот дека платите во медиумите речиси и да не се промениле во последните две години, при што според нивната анкета од јануари 2024 година, повеќе од половина од медиумските работници земаат под просечна плата. Дополнително, алармираат дека расте бројот на вработени кои се платени на ниво на законскиот минимум.
„Новинарите и медиумските работници не смеат да бидат изоставени од преговорите за финансиската иднина на работниците во државата“, велат од ССНМ. Тие предупредуваат дека ваквата состојба особено е изразена во локалните медиуми, каде што е честа појава вработените да извршуваат по три различни функции – најчесто за минимална плата.
Синдикатот бара Владата и работодавците да понудат решение кое ќе обезбеди зголемување на минималната плата на ниво блиско до платите на медиумските работници во земјите од регионот.
„Пристојни плати значат независно и професионално новинарство, непоткупливо од центрите на моќ“, потенцираат од ССНМ.
Според нив, без економски сигурни новинари, не може да се говори за вистинска слобода на медиумите и демократија.