Општина Кавадарци, под водство на градоначалникот Митко Јанчев, бележи динамичен развој во изминатите скоро четири години. Во својот тригодишен отчет објавен крајот на минатата година, Јанчев посочи дека се реализирани голем број инфраструктурни, социјални и развојни проекти со кои, како што истакна, се менува изгледот на градот и се подобрува квалитетот на животот на жителите.
Јанчев тврди дека реализирани се проекти како изградба и реконструкција на системот за улично осветлување, изградба на скијачкиот центар во Михајлово – нова туристичка атракција за регионот. Реализирани се и социјални проекти, како Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост и Интервентниот центар за привремено згрижување на лица со социјален ризик.
Дополнително, Јанчев ја истакна доградбата на кејот на реката Луда Мара до Општата болница во Кавадарци, реконструкцијата на ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“, асфалтирањето на повеќе краци од улицата „25 Мај“, како и новиот парк во склоп на средното училиште „Ѓорче Петров“.
Во извештајот се наведуваат и значајни проекти од социјалната и комуналната сфера – изградбата на „Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство“, обезбедувањето бесплатен оброк за секое дете и изградбата на затворен базен, како и други проекти.
Со ова, Јанчев порачува дека овие проекти се само дел од неговата визија за модерно Кавадарци со подобра инфраструктура, силен социјален систем и нови содржини за сите генерации.
Опозиција: Граѓаните на Кавадарци плаќаат повисоки сметки и приоритетите се погрешно поставени
Од друга страна пак, опозициската СДСМ во Кавадарци упати сериозни критики кон локалната власт и градоначалникот Митко Јанчев, обвинувајќи ја за покачување на цените на јавните услуги и недоволна грижа за клучните приоритети на граѓаните.
Претседателот на Општинската организација на СДСМ, Вуко Мелов, изјави дека сметките кои ги наплаќа ЈП „Комуналец“ значително пораснале – цената на водата е двојно зголемена, износната сметка е два и пол пати поголема, а поскапени се и другите ставки што ги наплаќа претпријатието.
„Данокот на имот исто така е неколку пати зголемен, зголемувањето на обемот на наплата на јавниот паркинг. Како општина тргнавме со замисла дека истото треба да го регулира паркирањето во централното градско подрачје, а опфатот кое тоа паркирање го достигнува е преголем и опфаќа и локации кои спаѓаат во периферија“, вели Мелов.
Опозицијата, како што вели Мелов, во изминатиот мандат поднела голем број амандмани, но речиси сите биле одбиени.
„Само еден или два амандмани ни имаат прифатено во цел мандат од четири години. Кавадарци до пред 2022 година немаше јавен превоз, па така во рамките на буџетската расправа поднесовме амандман за набавка на автобуси и тоа е единствената идеја која била прифатена“, рече Мелов.
Мелов смета дека идната локална власт мора да го стави фокусот на гасификацијата на градот, која ја оцени како неопходна за намалување на загадувањето во една од најзагадените општини во државата.
„Кавадарци е еден од најзагадените општини во Македонија и сметам дека тој проект ни е потребен. Има некаква најава дека со средства од унгарскиот кредит нешто ќе се почне, па така сметам дека фокусот на идната локална власт треба да биде во тој дел. Треба да се направи комплетна градска мрежа. Во делот на младите, треба да имаме бизнис старт ап центар или претприемачки центар каде млади лице кои имаат иновативни идеи ќе бидат поддржани од општината за да ги развиваат своите бизниси. И трет важен проект е пречистителна станица кој е од исклучителна важност за животната средина и заштита на водите“, објаснува Мелов.
Кавадарци се движи во правилна насока, но загадувањето останува најголем предизвик
Иако Кавадарци важи за една од најразвиените општини во земјава, најголем предизвик за граѓаните и понатаму останува загадувањето на воздухот, предупредува Илинка Габева, претседателка на Здружението „Чекор кон Европа“ од Кавадарци.
Таа потенцира дека за решавање на овој проблем се потребни стратешки и долгорочни капитални проекти како гасификација или централно греење, во чија изработка и реализација неопходно е активно вклучување на граѓаните.
„Општина Кавадарци покажува дека има слух за потребите на граѓаните. Таа е транспарентна и има отворена комуникација со јавноста преку организирање јавни расправи, средби и анкети. Ова е основа за доверба и учество на граѓаните во локалните процеси,“ вели Габева.
Таа нагласува дека општината се движи во правилна насока, особено преку осовременување на основната инфраструктура, санација на улиците, обновување на јавните површини, поддршка на младите во спортот, културата и образованието, како и отворање нови работни места.
Габева додава дека Кавадарци е пример за отвореност кон граѓанските организации, кои редовно се вклучуваат во работни тела, стратегии и јавни расправи.
Информациите од локалните власти, според неа, се достапни и транспарентни – буџетот, урбанистичките планови и тендерите се јавно објавени, а општината редовно информира преку социјалните мрежи, билтени и месечен информатор.
Како најефикасни механизми за вклучување на граѓаните, таа ги издвојува граѓанскиот буџет, јавните расправи и граѓанските иницијативи.
Сепак, Габева предупредува на неколку пречки за поголемо влијание на невладиниот сектор во локалните процеси – слабата политичка волја, недостигот на финансиска поддршка и ниската граѓанска култура.
„Потребен е повисок степен на активна транспарентност – не само да се кажува што е направено, туку и што не е реализирано и зошто. Ваквиот пристап ќе ја зголеми довербата на граѓаните и компаниите и ќе го намали просторот за корупција,“ заклучува Габева.
И покрај бројните реализирани проекти, Кавадарци се соочува со сериозни предизвици што ќе ја одредат насоката на неговиот понатамошен развој. Намалувањето на загадувањето на воздухот се издвојува како најгорлив приоритет, заедно со потребата од гасификација и изградба на пречистителна станица за заштита на водите.
Дополнително, граѓанските организации бараат поголема активна транспарентност и вклучување на граѓаните во носењето одлуки, додека опозицијата инсистира на порамномерно распределени приоритети и поодмерена политика на цените на јавните услуги.
За Кавадарци, прашањето сега не е само што е направено – туку што допрва ќе се направи за градот да стане уште подобро место за живеење.