Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар, изјави денеска Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција што МИА ја пренесува интегрално.
-Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност? Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашањето не само дали, туку колкумина се дел од организирана структура и мрежа на пиромани? Оттука, го повикуваме Венко Филипче, ако не стои заедно со Заев зад потпалувањето на пожарите, јавно да се откаже од него, наместо да биде негов потрчко и извршител, рече Лефков и додаде:
-Шоферот на Заев според нашите информации подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица. Ова е доказ дека пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата. Крајната цел како што кажавме веќе била да се обвинат институциите дека не можат да се справат со пожарите. Ги повикуваме институциите да го казнат со најстрога казна шоферот на Заев, но во исто време да истражат до каде води линијата на наредба, рече меѓудругото тој