Две неверојатни вести зборуваат за тоа како се сфаќа функцијата до која дошле во животот: Првата е информацијата од истрагата на Јавното обвинителство, според која актуелната претседателка на Државната комисија за борба против корупција и судир на интереси добила серитификат за државна тајна, за кој не полагала, туку замолила колега – ревизор да полага наместо неа.
„На ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, пишува во обвинението за случајот „Адитив“, во кој претседателката на ДКДК, Татјана Димитровска е обвинета и за оддавање на службена тајна.
Преку служвениот телефон Димитровска од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.
Втората неверојатна вест е за однесувањето на новиот директор на Национална галерија, која е институција каде се сместени бројни и непреценети дела за македонскиот културен идентитет.
Сликарот од Гостивар, Али Синани , кој четврт век е во Швајцарија, како кадар на ВЛЕН е избран на конкурсот за избор на директор на Националната галерија. Си дошол од Швајцарија, отишол во понеделникот на работа, побарал службено возило, не добил, па назначил заменик директор кој не постои од систематизацијата и веќе следниот ден си заминал на одмор, пишува Телма по разговорот со вработените.
„Вработените апелираат до надлежните да го зачуваат професионалниот интегритет на Националната галерија, како една од најзначајните институции за чување, заштита и презентација на културното наследство во земјата, а во прилог на заедничкиот јавен интерес за заштита на националното културно наследство“, стои во соопштението од вработените на Национална галерија.
Ова се вести само за рубриката „Без коментар“.