СДСМ ја обвинува Владата на премиерот Христијан Мицкоски за, како што наведуваат, расфрлање со народни пари во време на сериозна криза со пожари и економски проблеми. Според соопштението, Владата планира да потроши речиси 1,8 милиони евра за организација и промоција поврзана со ЕКСПО настан кој треба да се одржи дури во 2027 година.
„Додека пожарникарите со мизерни плати се борат со огнот, додека граѓаните на Кочани очајно чекаат државна помош, Владата ќе плаќа брошури, логоа, спотови, тотеми, престои во Белград и кетеринзи,“ реагираат од СДСМ.
Со парите од тендерот, како што информираат од партијата, ќе се плаќаат визуелни идентитети, столици обложени со еко-кожа, рекламен материјал и престој на промотери во српската престолнина цели четири месеци.
Социјалдемократите тврдат дека ова не е ништо друго освен „луксузирање и ароганција“ на актуелната власт и предупредуваат дека зад сето тоа стои потенцијално прикриена предизборна кампања платена со јавни пари.
„Овој тендер, кој вклучува медиумски кампањи, билборди, реклами на социјални мрежи и цела маркетинг-инфраструктура, отвора сериозни сомнежи – дали Владата си ја финансира изборната кампања преку буџетот?“ прашуваат од СДСМ.
Партијата бара одговорност и повикува јавноста будно да следи како и на што се трошат парите на граѓаните, порачувајќи дека „оваа скапа срамота мора да престане“.
„Ова не е влада на народот, туку власт која живее во паралелна реалност, додека граѓаните едвај преживуваат,“ завршуваат од СДСМ.