На консултативната средба на граѓаните со претставниците на инситутуциите од Пијанечно-Малешевскиот регион што се одржа во Делчево, беа изнесени повеќе забелешки и отворени прашања за тоа како се одвива проектот за Регионалниот центар за управување со отпад што треба да се гради во атарот на светиниколското село Мечкуевци.
Првата забелешка беше на транспарентноста на процесот и недостатокот на информации за тоа да каде е проектот, изнесена и од граѓаните и од институциите. Од општинските претпријатија беше кажано дека по завршување на состаноците, не се споделуваат записниците, а главен проблем е што се’ од коресподенцијата се одвива на англиски јазик.
-Од толку голем проект, што чини милиони евра, не се најдоа средства да се преведат материјалите на македонски јазик. Забелешката од сите е и што прилично нетранспарентно се води процесот, што по состаноците не добиваме записници, беше реакцијата од комуналните претпријатија.
Друг проблем е, како што беше речено на средбите, што беа затворени локалните нестандардни депонии без изградениот регионален центар во Мечкуевци, каде во идинина треба да се носи целиот отпад, што создаде дури и тензии меѓу општините. Случајот со граѓанските блокади кај депонијата во Кочани и физичките пречки да се носи отпадот од соседните општини е еден од примерите. Според присустните на оваа средба, проектот има обратен ред.
Граѓаните реагираа дека доцни едукацијата за селекција на отпад. Организираното собирање на пластичните шишиња покажа дека граѓаните имаат воља да рециклираат, но недостасува инфраструктура и организирано собирање.
-Примерот со Берово покажа дека граѓаните сакаат да се собира пластиката и во моментот речиси и да нема пластични шишиња низ населените места, рекоа од Општина Берово.
Во оваа општина во соработка со Пакомак локалната самоуправа се одлучи да два субвенција од 1,5 денар по шише, што беше стимулативно за граѓаните, што не е слуачј со повеќе други општини од Источниот регион.
Примената на казнената политика може да реши дел од наталожените проблеми, беше ставот на присутните. Низ призмата на Делчево, како што кажа пензионираниот комунален инспектор,Крум Николовски, во време додека активно работел, за 15 години до 2016 не е изречена ниту една казна од страна на судот, иако биле пишувани предлози, ниеден граѓанин не е казнете.
Што се однесува до регионалната депонија во Мечкуевци, течат определените 90 дена за евалуација на понудите за изградба на постројката. Во источниот и североисточниот регион се предвидени шест претоварни станици и тоа во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Берово и Македонска Каменица. Нестандардните депонии една по една ќе се затвараат. Следна е кочанската. Регионалниот центар ќе опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно.
В.К.