Секој од нас има по некој џокер во ракавот, а токму таков џокер има и пејачот Бобан Велјаноски, кој вчера ја промовираше најновата песна со наслов “Лага”. Зошто велиме џокер на Бобан? Бидејќи оваа музичка композиција е “стара” цели осум години, односно создадена е во 2017 година, но токму сега беше вистинскиот момент за таа да ја доживее светлината на денот.
„Оваа песна долго време ја носевме со нас, како нешто недоискажано. Дојде време да ја пуштиме во светот, кога и ние созреавме со неа. ‘Лага’ не е само љубовна приказна – тоа е огледало во кое многумина ќе се препознаат“, вели Бобан Велјаноски. Се работи за авторски проект на пејачот Бобан Велјаноски, во соработка со Јован Василевски и Драган Матески “Некои песни не се создаваат да бидат веднаш слушнати – тие зреат, молчат и чекаат вистински миг да ја кажат својата вистина. Таква е „Лага“ – емотивна балада која првпат е создадена уште во 2017 година, но дури сега ја доживува својата целосна форма” – додава Бобан.
Музиката и аранжманот ги потпишува реномираниот музичар Јован Василевски, додека текстот е дело на Драган Матески, чиј стил носи длабочина и искреност што допира до срцето. Видеоспотот е снимен на неколку урбани и симболични локации низ Скопје, е визуелна надградба на песната. Зад камерата стои Дарко Цветаноски, кој со прецизна режија и камера создава атмосфера што ја доловува емотивната тежина на песната. Главната улога во видеото ја толкува моделот Сара Ваневска, која преку суптилна глума го пренесува болниот судир помеѓу љубовта и лагата.