По трагедијата од 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени во најголемата катастрофа во историјата на независна Македонија, животот во општината драстично се промени.
Во атмосферата на беда и револт, дојде до ескалација и во самиот Совет на општина Кочани. На 19 јуни, за време на расправа поврзана со меѓуопштинска соработка со општините Струмица и Карпош, советникот од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите Аки Акиов физички се обиде да нападне колега советник по претходна провокација при што во истиот момент повреди службеник, што доведе до прекин на седницата.
На општинско ниво владее чувство на општествена нестабилност и правна несигурност. Последиците од трагедијата се рефлектираат како на работата на локалните институции, така и врз јавната недоверба.
Со локалната власт моментално управува в.д. градоначалникот Венко Крстевски кој до неодамна беше дел од Советот на општина Кочани.
Во општина Кочани во моментов нефункционален е Советот кој ги носи најважните одлуки. Но, за да продолжи да функционира Советот, за истиот треба да има согласност од мнозинството членови. Советот брои 18 советници од кои девет се од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Нивната советничка група нема намера да свика совет се додека советникот Аки Акиов не замине од функцијата советник поради физичкиот напад.
Претседателот на Советот на општина Кочани Лазо Митев изразува огромно жалење за она што се случи на последната седница.
„После она што се случи на 16 март, Кочани не заслужуваше да биде дел од она што се случи на советот, но како претседател на истиот, сакам да откријам дека ова не е прв инцидент во кој е инволвиран Аки Акиов. Веќе три и пол години истото прави проблеми во советот“, вели Митев.
Тој смета дека такво нешто е недозволиво во една демократска држава.
„Се додека Аки Акиов не си даде оставка како советник во Советот на општина Кочани, совет нема да има закажано. Сметам дека е доблесно тоа да се направи за да не ги заглавиме институциите 2-3 месеци“, објаснува Митев.
Акиов: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ плански направија сценарио
Според советникот Аки Акиов, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не се борат за луѓето, туку за фотејли.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ направија сценарио, тоа беше свесно направено од нивна страна. Врз мене веќе 3-4 години вршеа мобинг. Од нив дури и завршив во болница. Едноставно не е коректно да упатуваат такви зборови кон мене. Ваквото однесување никаде нема да не донесе“, смета Акиов.
Тој тврди дека уште пред три години зборувал дека нешто во дискотеката „Пулс“ ќе се случи бидејќи таму се продава дрога и се правеле разни други работи, а никој не презема ништо.
„Не можете да подржите нивен кандидат кога имате случај со 62 загинати и преку 200 повредени деца. И згора на се, тие се оние кои зборуваат за селективна правда“, објаснува тој.
Акиов рече дека од другите советници зависи дали се до одржувањето на локалните избори воопшто ќе има совет.
„Наводно претседателот на совет ќе ја одложи седницата, односно дека поради ситуацијата со физичката пресметка, истиот веќе нема да се одржува. Мојата намера не беше да ја повредам вработената во Општината, со неа јас имам коректни односи, јас јавно се извинив“, смета Акиов.
Немилосрдна политичка борба на грбот на граѓаните
Политичка блокада и институционален колапс ја тресат Општина Кочани по трагичната несреќа во март, додека Советот на општината останува парализиран и нефункционален.
Советничката Жаклина Филиповска-Свеќаровска од редовите на Левица во својата анализа остро ги критикува советниците за игнорантски и партиски пристап во време кога градот најмногу има потреба од одговорност и соработка.
„Во Кочани сите знаат каква е состојбата. Градот многу тешко се носи со загубата. Од гледна точка на Советот, не се покажа дека е на висина на задачата. Наместо единство, сведочиме на немилосрдна борба за превласт каде жртва повторно се граѓаните“, истакнува Филиповска-Свеќаровска.
Таа посочува дека Советот е парализиран и дека „многу големи одлуки не можат да бидат донесени“. Партиската борба, според неа, го засенува јавниот интерес.
„Седницата беше прекината, а ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека додека советникот Аки не се повлече, тие нема да се појават на седница. Тоа значи дека седница е невозможно да се одржи бидејќи се потребни најмалку 10 советници, а тие се девет“, појаснува Филиповска.
Недавањето оставка од страна на Акиов и бојкотот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ го парализираа Советот, а со тоа и целото функционирање на општината.
Филиповска-Свеќаровска потсетува и на парадоксалната ситуација со изгласувањето на урбанистичкиот план за кој сите освен таа гласале.
„Градот остана без базен, јавното претпријатие треба да даде одговор, но нема ни кому да го поставиме прашањето. Сè е во ќор-сокак“, додава таа.
Посочува и на улогата на в.д градоначалникот Венко Крстевски, кој според неа ја промашува суштината.
„Тој беше избран за да донесе мир и стабилност, но гледаме дека придонесува за дополнителна поларизација. А токму тој може да донесе хармонија“, смета таа.
Според советникот од редовите на СДСМ Ивица Лазаров, со блокирањето на Советот и неодржувањето на седниците, губи само градот и никој друг.
„Потребно е да се одржат седниците бидејќи на нив треба да се гласаат различни донации, ребаланс на буџетот и реконструкција на улици. Сметам дека ќе надвладее разумот и дека ќе се најде решение. На народот во Кочани моментално не му е дојдено до политика. Сите важни точки за градот се поддржуваат од сите советници. Мислам дека ќе се изгласаат точките за доброто на градот“, смета Лазаров.
Пред трагедијата во „Пулс“ општина Кочани повеќе од три годни ја водеше Љупчо Папазов кој поднесе оставка бидејќи е осномничен поради трагедијата во „Пулс“.
Тој пред Кочанчани вети повеќе приоритетни проекти. Станува збор за решение за сообрајаќот во центарот, катна гаража, нов јужен влез во градот, уредување на коритото на Кочанката река, изградба на сообраќајни мостови, уредување на градскиот парк Лукубија, изградба на целосна инфраструктура во Пониква, завршување на процесот на прочистување на отпадните води, реконструкција на канализациските мрежи во неколку села и поврзување со пречистителна станица.
Папазов вети и изградба на канализација во село Тркање, со опфат и на компанијата „Амфенол“, заложба за забрзување на проектот за изградба на брана Речани, изградба на старечки дом за сместување и грижа за повозрасни лица, како и изградба на спортска сала за развој и поддршка на колективните и поединечните спортови. Дел од овие проекти останаа во Предизборната програма на Папазов, со која ја доби довербата на граѓаните во 2021 година.
Кочани останува без функционална локална власт, со блокиран Совет и недоверба меѓу советниците. Граѓаните, како и по трагедијата, и понатаму плаќаат висока цена за нефункционалноста на институциите.