Собранието на РСМ вчера усвои измени на Законот за јавни патишта, со кои се отвора патот за дополнителна дигитализација на патарините. Со новините, се менува начинот на кој може да се наплаќа електронската патарината со М таг. До сега надополнувањето можеше да се прави само во просториите на ЈП Државни патишта. Со измените се дозволува приватен оператор да се вклучи и во приватни продажни места електронски да се надополнува М тагот. Дополнително се дигитализира и се воведува припејд и постпејд опции за тие што транзитираат, за да може да се плати патарина и преку мобилен телефон.
Според предлагачите на измените, ова ќе ги намали гужвите на патарините особено за време на летните одмори, а се отвора и можност за идно дигитализирање на патарините.
Со вчера усвоените законски измени, се воведува новината од плаќање на патарина да бидат ослободени донаторите на органи и тие што примиле органи.
Третата новина е тоа што ќе може да се постават прегради и друг тип на забавувачи на сообраќајот на експресните патишта. Оваа новина беше иницирана по неколкуте сообраќани несреќи на експресниот пат Штип – Кочани и барањето на граѓаните и експертите за подигнување на безбедноста. Новините предвидуваат да бидат поставени прегради и успорувачи на сообраќајот од страна на општините и државата, таму каде ќе има потреба.
В.К.