СДСМ денеска излезе со сериозни обвинувања против ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека владејачката партија се обидува да ја сокрие вистината за, како што го нарекоа, „најголемиот безбедносен и морален скандал во поновата македонска историја“ – случајот со дискотеката „Пулс“.
Во соопштението од опозициската партија се посочува дека според податоците на Државниот завод за ревизија, компанијата „Салтировски Консалтинг“ од Делчево, чиј сопственик е Анита Салтировска, сопруга на началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски, се појавува како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во изборните кампањи во 2020, 2021 и 2024 година.
Според СДСМ, оваа компанија, заедно со лично ангажирање на Салтировска, обезбедувала финансиски донации за партијата, што отвора сомнежи за поврзаност со активности кои, како што тврдат од СДСМ, вклучуваат „прикриено финансирање, рекет и злоупотреба на полициска моќ“.
„Јавноста има право да знае дали ‘Салтировски Консалтинг’ била фирма-параван за прибирање на рекет од одредени локали изоставени од полициска контрола, како што е случајот со дискотеката ‘Пулс’“, наведуваат од СДСМ.
Дополнително, партијата поставува прашања дали оваа фирма водела фиктивно сметководство за фирмите „Класик“ и „ММММ“, кои, според нив, стоеле зад управувањето со „Пулс“, и дали преку оваа компанија бил исплаќан „договорен паушал за полициска заштита“ на објектот.
СДСМ повика на целосна истрага, инсистирајќи дека парите кои завршувале кај „Салтировски Консалтинг“ можеби биле искористени за финансирање на политички кампањи на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, партијата го поврза случајот и со контроверзниот предмет „Делчевски Ниви“, кој, како што велат, мистериозно исчезнал од судските постапки.
„Македонија нема никаква надеж за неселективна правда сè додека обвинителството е под директно влијание на Христијан Мицкоски“, предупредуваат од СДСМ, повикувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да престане, како што велат, со притисоци врз истражните органи.
Од СДСМ порачаа дека „вистината, иако се обидуваат да ја сокријат, ќе излезе на површина“, алудирајќи на познатата изрека која, според нив, самиот Никола Груевски ја употребувал: „вистината е како шило – врти, врти и на крај ќе излезе“.
Фото: СДСМ