Се води истрага во битолски РЕК за потенцијална саботажа, откако изутрината се активирал заштитниот механизам и Термоблокот 2 во РЕК Битола автоматски беше исклучен од електроенергетскиот систем.
Како што соопшти ЕСМ, причината е проработување на заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Со оглед дека станува збор за потенцијална саботажа, веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК Битола реагираа согласно оперативните протоколи. За случајот е известена криминалистичката полиција, која во моментов врши увид на местото на настанот со цел утврдување на сите околности. По завршувањето на полицискиот увид, стручни екипи од РЕК Битола веднаш ќе започнат со детална анализа за согледување на евентуалната настаната штета и утврдување на точната причина за зголемувањето на температурата, стои во соопштението на ЕСМ.
Во изминатиот период, производството на електрична енергија во РЕК Битола се одвива со намален капацитет. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт, додека Термоблокот 3 е исклучен од мрежата поради актуелните намалени потреби за електрична енергија од страна на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Задоволувањето на потребите за електрична енергија на државата во целост е обезбедено преку зголемено производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку купопродажба на енергија од МЕМО.