Од Египет со владиниот авион доцна синоќа пристигнаа на скопскиот аеродром осум македонски државјани, кои побарале евакуација од Израел. Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ова е првата група македонски државјани. Станува збор за осум лица – четири деца и четири возрасни.
-Министерството, преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, останува во континуирана комуникација со останатите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел. За сите прашања и конзуларна поддршка, на располагање се дежурните телефонски броеви, соопштија од МНРНТ.
Со ова Македонија е меѓу првите земји кои успееја да евакуираат свои граѓани од подрачјето погодено со воени напади. Египет е првата безбедна земја каде се пренесуваат луѓето кои сакаат да го напуштат Израел, од отаму се пренесуваат во повеќе европски земји.
Унгарија соопшти дека за евакуација на 80 Унгарци од Израел беше употребена комплицирана постапка. Тие беа евакуирани со автобус до израелско-египетската граница, а потоа транспортирани до аеродромот во Шарм ел Шеик, каде што ги чекаше авион на унгарските вооружени сили.
Србија успеа да извлече 12 од 80 српски граѓани, кои очекуваат помош за напуштање на земјата. Проценката е дека во Израел од регионот има многу нерезиденти – докторанди на меѓународно реномирани високообразовни, технолошки институти и универзитети, како и спортисти и спортски работници.
Сите три аеродроми во Израел се затворени , а не лета ниту една од четирите израелски авиокомпании. Денеска се очекува да почнат летовите од Тел Авив. Се работи за многу ограничени летови на израелските авиокомпании, чија главна цел е да им се овозможи на околу Израелците да се вратат дома.