Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Израел има право да се брани и дека Иран не може да има нуклеарно оружје.
Фон дер Лајен, додека беше во Канада за самитот на Г7, изјави дека разговарала со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и дека со длабока загриженост ги следи случувањата на Блискиот Исток.
„Ја повторив нашата посветеност на мирот, стабилноста и дипломатските напори што водат кон деескалација. Во овој контекст, нагласив дека Израел има право да се брани. Иран е главен извор на регионална нестабилност. Европа отсекогаш била јасна – Иран никогаш не може да се здобие со нуклеарно оружје. Постои итна потреба од договорено решение“, изјави Фон дер Лајен во објава на X (Твитер).
Според неа, постојано се изразуваат силни загрижености и за програмата за балистички ракети на Иран. Како што изјави таа, ова се истите ракети што неселективно ги погодија градовите не само во Израел, туку и во Украина.
„Разговаравме и за Газа. Хуманитарната ситуација во Газа е неприфатлива. Го повторив нашиот итен повик да се обезбеди дека целата хуманитарна помош може веднаш да стигне до цивилите на кои им е потребна. Продолжувањето на прекинот на огнот и итно ослободување на заложниците се неопходни за конечно да се постигне траен крај на непријателствата“, заклучи Фон дер Лајен.