Сите угостители на струмичкиот плоштад по преговорите со општина Струмица се согласија да ги отстранат сите неправилности во однос на објектите, како доградби, монтажни додатоци, тенди, платформи и стакленици, кои не се во согласност со законот. Градоначалникот Костадин Костадинов изрази задоволство од постигнатиот договор:
- Сите угостители се согласија и прифатија да ги отстранат неправилностите кои ги констатираа инспекторите, и доброволно да го ослободат плоштадот. Верував дека ваквото решение е најдоброто – и за граѓаните и за угостителите. Како градоначалник, ќе бидам прв кој ќе застане зад иницијатива за измени на Законот за градење, каде на разумен и рационален начин ќе се вградат потребите на угостителите, но и ќе се зачува јавниот интерес на сите граѓани. Стар или нов правилник не го решава суштински проблемот – решението е во дијалог, почитување и разбирање. Благодарен сум за поддршката од граѓаните и од сите угостители. Само заедно можеме да си ја направиме нашата Струмица уште поубава, вели Костадинов.

Паралелно истиот проблем е актуелен во Кочани, особено по несреќата во дискотеката „Пулс“, за кој се утврди дека има низа неправилности во објектот. Поголемиот дел од пицериите и кафе-баровите во градскиот трговски центар имаат монтажни фиксни доградби со платформи, внатрешни ѕидови и кров, кои општина Кочани побара да бидат срушени и користењето на јавната површина да се сведе на дозволата која угостителите ја имаат. Но, во Кочани угостителите и општината не успејаа да најдат заеднички јазик и проблемот во моментов не е надминат. Ситуацијата кулминираше кога дојде до вербален судир меѓу градоначалникот Венко Крстевски и еден од сопствениците на угостителските објекти, кој ја загуби својата ќерка во несреќата во „Пулс“. Крстевски денеска повторно повика на доброволно отстранување на дивоградбите, пред да дојде до присилно рушење од страна на општината:
- Промени! Жално е што после немилиот настан најголем дел од угостителите во Кочани наместо сами да си ги отстранат нерегуларностите, како дивоградби, вентилација, узурпација на простор и така натаму, чекаат на крајните рокови за присилно отстранување. Што треба да се случи да се освестат? Општина Кочани ќе ги превземе сите неопходни мерки и нема да дозволи самоволие и кршење на законите. Исто така нека се преиспита и народот што им оди во таквите дивоградби и небезбедни објекти, вели Крстевски.
Во кочанскиот градски трговски центар се сместени повеќето кочански пицерии и се значаен дел од кочанската угостителска дејност, а угостителите во неколку наврати наведоа дека враќањето на просторот во состојба во каква го бара општината, значително ќе влијае на прометот на пицериите и дека се загрижени од тоа дека ќе мораат да отпуштаат работници, но и од целосно пропаѓање на фирмите.
(М.К.)