Хипертензијата е еден од водечките фактори на ризик за појава на срцев и мозочен удар, како и за хронична бубрежна болест. Често се развива незабележливо, без изразени симптоми, поради што со право се нарекува „тивок убиец“.
Опасноста од хипертензијата лежи во фактот дека не предизвикува болка. Ако не се препознае и не се лекува навреме, со тек на време може да предизвика сериозни системски оштетувања – на срцето, мозокот, бубрезите и крвните садови. Затоа, навремено откривање, редовна контрола и соодветна терапија се од клучно значење за зачувување на здравјето и превенција од компликации.
Рано препознавање и насоки
Хипертензијата официјално се дијагностицира кога вредностите на крвниот притисок се над 140/90 mmHg. Сепак, според најновите европски насоки, вредностите во опсег од 120–139/70–89 mmHg бараат зголемено следење. Кај лица со дополнителни фактори на ризик, како дијабетес мелитус или хронична бубрежна болест, овие гранични вредности може да бидат причина за воведување терапевтски мерки. Континуирано следење на притисокот, соодветна терапија и промена на животните навики се основата за успешна борба против кардиоваскуларните болести.
Фармацевтите како важна алка во системот
– Фармацевтите во јавните аптеки сè почесто се први здравствени работници со кои пациентите доаѓаат во контакт. Поради нивната улога во здравствениот систем и честата комуникација со пациентите, фармацевтите имаат значајна улога во раното препознавање на хипертензијата, советување и насочување кон лекар – објаснува Милена Милојевиќ, магистер по фармација од Фармацевтската комора на Србија.
Во таа насока е покренат проектот „Советник за хипертензија“ на Фармацевтската комора на Србија, со цел граѓаните да добијат стручна, лесно достапна и структуирана здравствена услуга во аптека, како поддршка во контролата на крвниот притисок.
Улогата на советникот за хипертензија
Советниците за хипертензија се фармацевти кои поминале акредитирана стручна обука и се оспособени да понудат сѐопфатна поддршка за пациентите – од објаснување како и кога да се земаат лековите, што да се очекува од терапијата, па до на што да се внимава (несакани ефекти, интеракции со храна и пијалаци).
– Советуваме за правилно мерење на крвниот притисок дома – наутро и навечер, во седечка положба, во мир, со две мерења во интервал од една минута. Исто така, и за нефармаколошки мерки – правилна исхрана, воведување физичка активност, прекин на пушењето и умерена консумација на алкохол. Даваме препораки за употреба на додатоци во исхраната, како препарати на база на лук, омега-3 масни киселини и други природни состојки кои можат да помогнат во подобра контрола на притисокот. Употребата на суплементи мора да биде усогласена со пропишаната терапија, бидејќи може да стапат во интеракција со лековите и да доведат до несакани ефекти или намалена ефикасност на терапијата. Затоа е неопходно советување со фармацевт пред употреба на овие производи – нагласува Милојевиќ.
Зошто е важно советувањето
Со навремена едукација, поддршка и јасно разбирање на терапијата, можно е ефикасно да се контролира крвниот притисок и да се намали ризикот од сериозни компликации, како што се мозочен удар, срцев удар или оштетување на бубрезите.
– Редовно следење, советување и постојана достапност на фармацевтот во аптеката значително ја зголемуваат шансата за подобра придржаност кон терапијата и поквалитетен живот на пациентите. Советниците за хипертензија може да ги препознаете по специјалниот беџ на униформата. Списокот на сите советници е достапен на веб-страницата на Фармацевтската комора на Србија – заклучува Милојевиќ.
Фото: Shuterstock