Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утринава вршат претреси на пет локации во Скопје. Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“. Со повеќе информации обвинителството ќе излезе во текот на денот.
Апсењата и претресите се вршат во повеќе куќи во околината на Пластичарската улица во Скопје. Неофицијално, влезено е во домовите на припадници на криминалната група „Беланоца – Барон“, поврзани со тешки кривични дела. Како што јавуваат медиумите на албански јазик, акцијата е поврзана со убиството на Пластичарска, во кое беше убиен Амар Исмани, а две лица беа тешко повредени во мај 2024 година, како и убиството на Орхан Бајрами – Оки, кој беше убиен на 15 јули 2023 година во луксузна вила во Ханиоти, Халкидики, Грција. Двајца маскирани напаѓачи влегле во станот каде што престојувал Бајрами и отвориле оган, испукајќи 19 куршуми. Бајрами почина на лице место, додека неговиот пријател беше тешко повреден, но успеал да преживее.
Со најновата кација, според медиумите, полицијата, заедно со обвинителството, е на прагот да изгради целосна реконструкција на настаните поврзани со убиствата на поголем број членови на криминални групи кои дејствувале по скопските улици и им помагале на меѓународните криминалци да добијат македонски пасоши, со кои слободно се движеле низ целиот свет.
Случајно или не, полициската акција се случува во време кога СДСМ јавно го дискредитира директорот на БЈБ за поседување на наводно лажни дипломи, со кои се искачувал во полициската хиерархија, додека тој целата своја кариера ја поминал во полицијата, почнувајќи како униформиран полицаец на 18-годишна возраст.