Адвокатот на Љупчо Палевски Палчо, Јовица Страшевски, во денешното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77 посочи дека Палевски го ангажирал со јавен повик преку судиите:
- Палевски разговараше со мене, ме побара јавно преку судиите, тоа го пренесуваа и медиумите. Јас седнав со него, се видовме. За Прилеп предметот се договоривме дека ќе му бидам правен застапник и дека ќе го продолжам она што претходно требаше да го почнеме за бомбите во Прилеп, а околу овој предмет (убиството на Вања и Панче) му имав кажано дека кога ќе ги земе сите докази, да ги видам. Откако ги видов доказите што се понудени од страна на судот, видов дека нема вина и се нафатив да го бранам во овој предмет.
Столе Наумов го праша Страшевски: „Не се мислевте кога прифативте да бидете адвокат, како ве нарекуваат „адвокат на ѓаволот“, Јанаки Митровски, вашиот колега, вели „разбирам и знам што е адвокатска етика и кодекс, меѓутоа јас не можам како адвокат во вакво нешто да учествувам“, вие не размислувавте како Јанаки Митровски?“, на што Страшевски одговори:
- Не ни сакам да размислувам како Јанаки Митровски, нашата професија е адвокатска, значи тоа е исто како да си во било кој бизнис приватна работа да работиш, дали е продавница, дали е здравствено, еве докторите ако дојде некој од некоја војна што е од спротивна страна, докторите ќе имаат етика да мора да го оперираат и примаат него. Така и ние, јас не можам да ги делам луѓето по вера, по раса или по националност или по партија. Нашата работа е, ако не сум бил јас, ќе бил друг. На пример, овие прашања, ова е атак, на еден начин јас го сфаќам, малку политизиран спрема мене, со ваквите изрази, од проста причина што и Марјан Витановски беше претходно, претходно има и адвокат по службена должност, никој не ги нарече нив „адвокати на ѓаволот“ или „на монструмот“. Јас си ја работам професионално мојата работа со сите клиенти. Сите клиенти за мене се исти, дали е Палевски, дали е било кој, сите клиенти за мене се исти. Јас го гледам она што го гледам во предметот.
Наумов им се обрати на адвокатите во студиото со „Имате ли деца? нели ве пече совеста некогаш? Не може човек да остане рамнодушен.“, на што Страшевски посочи:
- Ние браниме и други, не е само Палевски единствен убица, обвинет за убиство во Македонија. Значи, ние во Кривичен суд не браниме манекени.
Наумов го прекина со „Ова потсвесно го кажавте „Не е само Палевски убица“?“, на што Страшевски додаде:
- Па да, има и други што ги обвинуваат, ме разбирате, значи тоа дали имаме деца или немаме, тие деца дома треба некако да ги раниме ние, ако ние ги одбиваме сите клиенти значи бадијала работиме, онда не треба да постои адвокатурата. Јас како морал кажав и еве сега пак ќе кажам, ако видам еден доказ што е поврзан, вербален и материјален, јас ќе излезам јавно пред цела јавност ќе се извинам и Палевски нема да го бранам. Таков доказ до денес, вклучувајќи го и вчерашното рочиште, нема.
Гледајте ја целата емисија „Стадион“ на линкот: