Доаѓањето во Македонија на Крис Павловски, канадски бизнисмен со македонско потекло беше најавено со една негова кратка објава на X, во која вели дека доаѓа во „земјата на Александар Велики“ и дека ќе го најде неговиот гроб. Павловски, кој се смета за близок до американскиот претседател Доналд Трамп поради бизнис релациите, во текот на вчерашниот ден во едно од интервјуата дадено за македонските медиуми, потврди дека заедно со „неколку пријатели ќе вложи ресурси во наоѓањето на гробот на Александар Македонски“. Со други зборови, ќе вложи во археолошки истражувања, кои според закон, може да се спроведуваат само со дозвола на Управата за културно наследство.
„Имам неколку пријатели со кои ќе вложиме ресурси за да го побараме… Јас сум голем обожавател на историјата. Ја сакам археологија, ја сакам античката македонска историја… Јас сум многу сериозен за финансирање на истражувања во однос на археологијата во Македонија. Многу сум сериозен и тоа многу сакам да го направам. Мислам дека немало големи вложувања во македонската археологија. Тоа е нешто што недостасува. Јас знам многу Македонци и луѓе кои не се од Македонија кои сакаат да помогнат за тоа. Очекувам заедно да вложиме пари и да почнеме да копаме за да видиме што има овде под земјата. Мислам дека тоа е важно“, кажа Павловски во гостувањето во „Сител“.
Според познавачи на археологијата, Павловски погледот го свртува кон Свети Николе, кон геоглифите, каде наводно ќе го бара гробот на Александар Македонски. Меѓутоа, додека лаиците на местото гледаат како на мистично, свето место, научните факти велат се тоа ровови од Првата светска војна. Факт е дека геоглифите, кои се на 5 километри од Свети Николе, до сега не се истражувани. Геоглифот е со значајни димензии со околу 85-90 метри, а ширината околу 45 метри. На самото место на висината се наоѓаат канали со длабочина околу 2 метри и широчина 4 метри. Според истражувачите знакот којшто може да се види само од воздух односно од авион или сателитска снимка Google Earth претставува буква на Касиопеа – македонска кралица.
Архолошки истражувања и до сега се реализирани со приватни донации, за што дозвола треба да даде Министерството за култура. Како сегашното раководство ќе се однесува на најавеното вложување од Крис Павловски, кој е во одлични релации со актуелната власт, ќе видиме со одговорот.
Пред само две – три недели, актуелниот министер за култура, Зоран Љутков изјави дека јавно – приватно партнерство е решението за слабата видливост на вредните културни наоди, за што се потребни законски измени.
„Нашето културно наследство конечно ќе мора да го презентираме, затоа што 30 години наназад имаме истурање пари во културното наследство, но никогаш не може да му го видиме комплетниот лик. Затоа ние денес разговараме за законски измени да може да се отвори структурата како владини институции нашето културно наследство да го дадеме на приватниот сектор за да може да прави бизнис од него“, изјави министерот Љутков.
Засега може само да се претпоставува дали при тоа министерот отвора врата за спонзорирано барање на гробот на Александар Македонски. Инаку, во многу земји од Индија до Балканот се вложени многу пари, и државни и приватни, меѓутоа, гробот на војсководецот останува мистерија.
В.К.
Фотографија: дома.мк